Истражувачи од Microsoft ја развија апликацијата GazeSpeak што ќе им ја олесни комуникацијата на луѓето заболени од Амиотрофична латерална склероза (АЛС), пишува New scientist. АЛС е сериозна невролошка болест што предизвикува слабоста на мускулите, инвалидност и на крај смрт.
GazeSpeak се инсталира на паметен телефон и користи вештачка интелигенција за да ги конвертира движењата на очите во говор, па така соговорникот веднаш разбира што е кажано.
Апликацијата работи на уредот на слушателот. Тие го насочуваат паметниот телефон на лицето со АЛС како да фотографираат, а налепницата залепена на задниот дел од телефонот, (видлива за лицето со АЛС) покажува букви од азбуката групирани во четири квадрати горе, доле, лево и десно. Кога лицето со АЛС дава различни сигнали со очите, GazeSpeak ги регистрира како букви.
“На пример, за да го каже зборот ’task’ (задача), тие прво гледаат доле за да ја изберат групата каде се наоѓа буквата ’т’, потоа гледаат нагоре за да изберат групата каде се наоѓа буквата ’а’ и така натаму“, вели Ксаоји Жанг, кој ја разви апликацијата.