Каизен или “постојана промена кон подобро” е јапонска филозофија фокусирана на континуирано подобрување на квалитетот, технологијата, процесите, бизнис културата, продуктивноста и лидерството. Доаѓа од јапонските зборови kai, што значи промена и zen, од добро кон подобро.
Овој концепт се применува во секој аспект од животот. Во бизнисот, за Каизен може да се каже дека е континуирано подобрување на сите процеси во организацијата преку мали промени во кратки временски периоди, вклучувајќи ги сите организациски членови без разлика на кое хиерархиско ниво се наоѓаат. Каизен е систем во кој се вклучени сите вработени – од извршниот директор до хигиеничарите. Сите можат да дадат предлози за подобрување на работата, како и за решавање на проблемите. За секоја добра предложена идеја која се реализира од менаџментот, предлагачот се наградува, со што се поттикнуваат вработените постојано да даваат предлози за подобрување. Ова не е активност што се организира еднаш месечно или годишно, туку е постојана, на дневна основа. Јапонските компании кои работат врз овие принципи, како Toyota и Canon, годишно добиваат по 60 – 70 сугестии по вработен кои се запишуваат, разгледуваат и имплементираат.
Каизен вклучува поставување на стандарди, а потоа континуирано подобрување на тие стандарди. За поддршка на повисоки стандарди, Каизен вклучува обезбедување на обука, материјали и надзор потребни за вработените да ги постигнат и одржат тие стандарди. Сето тоа се постигнува со почитување на петте главни елементи: тимска работа, лична дисциплина, подобрување на моралот, квалитет и сугестии за подобрување.
Принципи 5С
Јапонците не се познати само по совршената организација на времето и работата, туку и по дисциплината и беспрекорно уредениот работен простор. Тие своите канцеларии ги доведуваат во совршена состојба, почитувајќи ги принципите 5С, односно пет акции кои на нивниот јазик започнуваат на буквата С. 5С принципите се само една од методите и техниките кои се користат во Каизен филозофијата. Со нивна помош, Јапонците го намалуваат стресот и стануваат попродуктивни.
Seiri – дефинирање
Овој принцип подразбира поделба на работниот материјал на неопходен, итен и непотребен. Се што ви е неопходно ставете во зелена кутија или фасцикла, се што е итно во црвена, а непотребното веднаш фрлете го.
Seiton – уредување
Seiton пред се значи правилно сместување на потребниот работен материјал, за да работите подобро и поефикасно. Се што ви е неопходно треба да биде во ваша близина, а материјалот кој повремено го користите треба да биде уредно нареден во фиоките и шкафовите.
Seiso – чистење
Чистењето на работниот простор е многу важен дел во организацијата на работата. Целта е да создадете амбиент без прашина кој ќе ви помогне попријатно да се чувствувате, но и да работите поефикасно.
Seiketsu – контрола
Многу е важно два пати да го проверите тоа што сте го сработиле. Можеби ќе изгубите неколку минути повеќе, но ќе бидете сигурни дека работата сте ја завршиле како што треба. На овој начин постигнувате подобри резултати, а квалитетот на се што ќе направите е на повисоко ниво.
Shitsuke – дисциплина
Последното С претставува дисциплина, односно тренинг што го учат сите вработени за да можат да се придржуваат до наведените правила. На овој начин се создаваат работни навики во колективите врз основа на кои сите вработени работат како единствен тим.