АЕК: При пејд корисниците да ги регистрираат броевите

47

6d76a7148c98c44b86f298a156dd1d26Агенцијата за електронски комуникации испрати апел до сите корисници на при-пејд броеви да ги регистрираат своите броеви, заради лична безбедност и за безбедноста на сите граѓани на Македонија.

До пред извесно време, секој можеше да отиде до најблиската трафика или продажен салон на кој било од трите мобилни оператори и да купи при-пејд сим картичка без притоа да остави какви било лични податоци. Но, со проектот за регистрација на сите при пејд корисници во државава, што АЕК го започна неодамна во соработка со мобилните оператори Т-Mobile, Оne и Vip, таа пракса е веќе надмината.

“Повеќе не може да се купи при пејд сим картичка без да се остават лични податоци на корисникот. Причината за започнување на овој проект се податоците и искуствата кои покажуваат дека користењето на нерегистрирани при пејд картички знае да предизвика несакани последици. Неретко истите овие при-пејд картички се злоупотребуваат, се користат како анонимни броеви и ја нарушуваат безбедноста на голем број граѓани”, соопштија денес од АЕК.

Регистрацијата се изврши со идентификување на претплатникот на продажното место, преку проверка на податоците од оригинален и валиден документ за идентификација, повикување од страна на претплатникот на посебно утврден број каде истиот ќе може да ги наведе бараните податоци (Т-Mobile – 1233, Оne оператор – 14181, Vip оператор – 140150), испраќање на податоците од страна на претплатникот преку кратка текстуална порака на посебно утврден број, внесување на податоците од страна на претплатникот преку соодветна интернет страна или друг начин утврден од операторите и/или давателите на услуги.

“Преку спроведување на проектот уште повеќе ќе се унапреди пазарот на електронски комуникации, ќе се зголеми нивото на безбедност на граѓаните, а Македонија ќе се приклучи кон голем број земји од регионот и Европа кои веќе имаат во целост спроведено таков проект. Важно е сите корисници на при-пејд броеви да покажат поддршка на овој проект и навреме да се регистрираат, бидејќи регистрирањето на при пејд броевите е за општо добро”, се вели во соопштението АЕК.