Континуирано подобрување

245

pat

Фото: Pixabay

Постои една јапонска техника (методологија) што ја користат тамошните компании (но и други светски системи) во нивното организациско работење, со цел развој и континуиран прогрес, наречена КАИЗЕН. Тоа е јапонски збор што означува континуирано подобрување. Тие веруваат дека со постојано аплицирање на мали и ситни промени во различните сегменти и делови од организациското работење, секоја компанија може да смета на континуиран раст и развој.

sl

Според оваа методологија, секој од вработените, во компанијата има 2 работни задачи. Едната, да ги извршува своите тековни задолженија најдобро што знае и умее, а втората постојано да бара и да предлага начини (секој индивидуално или тимски) каде и како може да се подобри работата во организацијата, во која било област на работењето. Според КАИЗЕН главен фокус се дава на вработените и ценење на нивното мислење. На тој начин и вработените се чувствуваат повеќе мотивирани и задоволни дека нивниот збор се слуша и се цени, како и дека тие се вклучени во континуираниот прогрес на компанијата.

Неколку практични совети од КАИЗЕН методологијата:

  1. Напуштете ги конвенционалните идеи.
  2. Фокус како да се изврши некоја работа, а не зошто не може да се изврши.
  3. Без оправдувања. Почни со испитување на постоечките методи на работа.
  4. Не барај перфекција. Подобро направи ја работата веднаш, отколку подоцна и да биде залудно.
  5. Ако направиш грешка, поправи ја веднаш.
  6. Не троши пари на КАИЗЕН. Користи ја својата мудрост.
  7. Мудроста доаѓа до израз кога ќе се соочиме со тешка ситуација.
  8. Прашај ЗОШТО? неколку пати и секогаш барај го коренот на проблемот.
  9. Собери ја мудроста од 10 луѓе, отколку знаењето од 1.
  10. КАИЗЕН идеите се бесконечни.

Во секој случај, најмногу го напишав овој неделен совет да се поттикнам сам себеси и да ја применам оваа методологија и во мојот приватен живот. Многу често кога сакаме да направиме некоја промена, тоа тешко ни оди, бидејќи си поставуваме високи и тешко остварливи цели. Или, не сме свесни дека некоја активност, не е само активност туку цел микропроект. Поради тоа, лесно се откажуваме во нашите намери и не остваруваме голем број од нашите планови. Меѓутоа, со примена на оваа методологија и во нашиот приватен живот, може да добиеме многу и на тоа поле. Мојот систем на апликација на оваа методологија се состои во тоа што прво ја дефинирам големата цел, а потоа поставувам мали микрозадачи, активности кои водат кон остварување на таа цел.

Но, без оглед дали сакате да направите некоја промена во организацијата или приватно, прво започнете од себе.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.