Фото: Facebook
Глобалната платформа за групно финансирање, Kickstarter, на 28-ми април го прослави осмиот роденден. По повод одбележување на годишнината беа објавени значајни успеси постигнати изминатиот период. Од 28 април 2009 година до денес успешно се реализирани 125.000 проекти преку оваа платформа, а уплатени се над три милијарди долари за различни проекти. Во просек, на секои пет секунди некој уплатува пари преку Kickstarter, а поддршката од оваа платформа ја искористиле повеќе од 12,7 милиони луѓе од целиот свет.
“Кога започнавме со Kickstarter, нашиот сон беше креативните идеи да бидат финансирани и се надевавме дека ќе функционира, но по втората и третата година го добивме чувството дека навистина растеме“, вели Јансеј Стриклер, еден од основачите, за Business Insider.
Стриклер, исто така, најави дека неговата компанија има големи планови што треба да се реализираат во текот на оваа година.
“Ние работиме на некои големи работи и се надеваме дека ќе ги изненадиме луѓето. Нашата цел е да им служиме на уметниците и креаторите и мојот сон е да бидеме една од најдоверливите компании за овие луѓе“, вели Стриклер.
Сепак, на оваа платформа не може да се постават проекти од сите земји во светот. Денес, на Kickstarter околу 35% од успешните проекти и 45% од поддржувачите доаѓаат надвор од САД.