До крајот на годинава сите министерства треба да се сертифицираат со ИСО стандард, а државните институции што годинава не обезбедиле финансии за таа намена, мораат да воведат таков стандард до крајот на 2014 година.
Сертифицирањето на државните органи произлезе како обврска со Предлог законот за воведување систем за управување со квалитет и заедничка рамка за проценка на работењето и давањето услуги во државната служба, Владата на Република Македонија го усвои во вторникот.
“Воведувањето на системот за управување со квалитет на услугите треба да обебзеди високо ниво на задоволство на корисниците на услугите на државната служба преку достигнување или надминување на очекувањата на корисниците”, рече денеска на прес-конференција министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.
Со цел да се подобри управувањето со квалитетот во работењето и давањето услуги се воведува најмалку основниот стандард ИСО 9001, а зависно од надлежностите на органите може да се воведат и други типови ИСО или македонски стандарди кои ќе го надополнуваат основниот стандард. За подобрување на управувањето со квалитетот во работењето и давањето услуги во државните органи се воведува заедничка рамка на проценка преку вклучување на вработените и самооценка, врз основа на насоки и упаттства изготвени од МИОА.
Како што изјави Ивановски со ИСО стандардизацијата се поставуваат протоколи на активностите во државните органи.
“Работните задачи на вработените во државната администрација ќе бидат проследени со процедури, кои по сертифицирањето ќе бидат набљудувани од сертификациски тела. Ако не ги почитуваат процедурите нема да можат да се ре-сертифицираат за две или три години. Тоа значи дека за секоја услуга која ја бараат граѓаните од институцијата има и пропратен документ со кој се следи текот на процесот”, рече Ивановски.
Ако некоја институција не ги воведе потребните стандарди законот предвидува казна од 1.500 до 8.000 евра за функционерот кој раководи со неа. Доколку координаторот на сертификацијата не преземе активности за воведување на стандардите ќе мора да плати од 750 до 4.000 евра казна.
Овој предлог законот е изготвен по иницијатива на консултантот за примена на ИСО стандарди Богољуб Ангелковски. Според него, иницијативата е резултат на неговата желба да се подобри квалитетот во управувањето и услугите за граѓаните.