
Комерцијална банка испиша ново значајно поглавје во македонското банкарство како прва и единствена банка од Македонија што се најде на престижната глобална листа „Forbes World’s Top-Performing Banks 2026“. Во првото издание на ова глобално рангирање, Комерцијална банка е избрана меѓу топ 500 банки од 89 земји, со што се најде во друштво на најуспешните и најстабилните финансиски институции во светот.
Листата нуди глобален преглед на банките што постигнуваат високи резултати на своите пазари и е изработена од Forbes, еден од највлијателните и најпрестижни глобални медиуми, во партнерство со Statista.
Ова меѓународно признание ја потврдува извонредната успешност на Комерцијална банка според клучните показатели за работењето: профитабилност, раст и квалитет на добивката, отпорност на капиталот и изворите на финансирање, како и квалитет и ефикасност на активата.
„Рангирањето на Комерцијална банка меѓу топ 500 банки во светот е силна потврда за нејзината финансиска стабилност, стратешката приспособливост и способноста да создава одржлива вредност во услови на забрзана дигитална трансформација, динамично економско опкружување и промени на каматните стапки. Истовремено, признанието го потврдува континуираниот фокус на Банката на задоволството на клиентите, квалитетот на услугите и на развојот на современи финансиски решенија“, изјави Хари Костов, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка, по повод ова признание.
Банките на најновата Forbes листа се рангирани врз основа на објективни финансиски податоци добиени преку водечки извори, меѓу кои платформата S&P Capital IQ, како и преку дополнителни истражувања и податоци. Право на учество имаат лиценцирани депозитни институции чија основна дејност вклучува кредитирање на населението или компаниите, кои објавуваат ревидирани финансиски извештаи и финансиски податоци и имаат актива поголема од 3 милијарди американски долари.
Како прва и единствена банка од Македонија на листата „Forbes World’s Top-Performing Banks 2026“, Комерцијална банка уште еднаш ја потврдува својата лидерска позиција на домашниот пазар и својата конкурентност во меѓународни рамки.
Ова признание е резултат на јасна стратегија, одговорно управување, дисциплинирано работење и посветеноста на вработените, но пред сѐ на довербата што клиентите со децении ѝ ја даваат на Банката.
Од лидер на домашниот пазар до банка препознаена на глобалната финансиска сцена, Комерцијална банка продолжува да поставува повисоки стандарди, да создава долгорочна вредност и да го претставува македонското банкарство меѓу најуспешните банки во светот.












