Специјализираното издание на Financial Times, fDi Intelligence ја прогласи фабриката на германската компанија Дрекслмаер што се гради во Кавадарци, за најдобра во категоријата производство.
Списанието ги третира сите области поврзани со странските директни инвестиции и промоција на инвестициите во светот.
Фабриката е прогласена за најдобра во рамки на годишната едиција FDI Top Projects of the year 2012 – Investment that broke ground.
Веста денес ја потврдија и од Кабинетот на министерот за странски инвестиции Веле Самак, дека фабриката на германски Дрекслмаер во Кавадарци, за производство на кабелски инсталации наменети за автомобилската индустрија, е избрана за најдобра пред бројни и угледни конкуренти како што се Mercedes-Benz која се гради во Унгарија, фабриката на Yazaki во Бугарија, Bosch во Романија како и многу други.
Во фабриката се инвестирани над 30 милиони евра и истата треба да овозможи 4.000 нови вработувања. Одлуката за инвестирање беше донесена по повеќе месечни преговори со министерот Самак во декември 2011 година.
Во Кавадарци веќе работат над 560 вработени, кои за потребите на Даимлер и новата Мерцедес C-класа извезуваат за повеќе европски дестинации.
Според динамиката на работа до крајот на годината, министерот Самак очекува да се достигне бројка од над 1.000 вработувања.
“Фактот дека фабриката во Кавадарци е прогласена за победник од страна на светски реномираниот fDi Intelligence во конкуренција со такви престижни и познати компании не прави навистина горди и е вистински показател за трудот кој го вложуваме и посветеноста со која работиме”, изјави Самак.