Од денес, ЕУ воведува дополнителен данок на евтини пакети: шест милијарди евра годишно се очекуваат од Тему и Шеин

Новите такси за евтини производи нарачани преку интернет во ЕУ би можеле да донесат шест милијарди евра годишно во буџетот на Унијата од 2028 до 2034 година. Мерките првенствено се насочени кон големите кинески платформи како што се „Шеин“ и „Тему“.

Од денес, Европската Унија воведува дополнителна такса од две евра за евтини пакети. Таа се додава на таксата од три евра по поединечен артикл, воведена на почетокот на јули.

Претходно необјавената проценка дека новите такси би можеле да донесат шест милијарди евра годишно во буџетот на ЕУ го покажува обемот на напорите на Брисел да го ограничи големиот прилив на евтини производи нарачани преку интернет, за кои вели дека доаѓаат претежно од Кина. Проценката се базира на документ на Европската комисија што го виде „Ројтерс“.

Минатата година, околу 5,8 милијарди пакети со вредност помала од 150 евра влегоа во ЕУ, што е за 26 проценти повеќе од претходната година, според податоците од Европската комисија. Комисијата проценува дека кај поголемиот дел е прикажана пониска вредност со цел да се избегне плаќање царински давачки.

Сопственикот на Тему, компанијата ПДД Холдингс, во август објави дека новите мерки значително ќе влијаат на дел од нејзиното работење, но не прецизираше конкретни износи.

„Шеин“ остварува околу една третина од своите приходи во Европа. Продажбата на компанијата во регионот веќе беше во пад пред воведувањето на таксите, откако ги зголеми цените и ги намали трошоците за рекламирање.

Се очекуваат помалку пакети
Дирк Готинк, членот на Европскиот парламент кој ја предводи реформата на царинскиот систем на ЕУ, рече дека новата такса од две евра има за цел да го потисне „многу штетниот бизнис модел што вклучува неусогласен увоз на стоки со ниска вредност од Кина преку интернет трговија“.

„Приходите генерирани на овој начин ни даваат можност и средства да ги поништиме децениите недоволни инвестиции и да им ги обезбедиме на царинските органи на Европа ресурсите што им се потребни за ефикасно да го заштитат нашиот единствен пазар“, рече Дирк.