Невработеноста во еврозоната во септември достигна 6,5 проценти

Стапката на невработеност во Европската Унија во септември 2026 година изнесуваше 6,2 проценти, додека во Еврозоната достигна 6,5 проценти, објави Евростат. Во споредба со август, стапките останаа непроменети, но на годишна основа, тие бележат зголемување. Во септември минатата година, невработеноста во ЕУ изнесуваше шест проценти, односно 6,3 проценти во Еврозоната.

Според проценките на Европскиот завод за статистика – Евростат, во септември во ЕУ имало 13,773 милиони невработени, од кои 11,555 милиони биле во земјите од Еврозоната. Во споредба со август, бројот на невработени се зголемил за 105.000 во ЕУ и за 122.000 во Еврозоната. На годишна основа, во споредба со септември 2025 година, бројот на невработени се зголемил за 471.000 во ЕУ и 420.000 во еврозоната.

Меѓу младите луѓе, т.е. лицата под 25 години, во септември во ЕУ имало 3.022 милиони невработени, од кои 2.469 милиони биле во Еврозоната. Стапката на невработеност кај младите достигнала 15,5 проценти во ЕУ, во споредба со 15,4 проценти во август. Во Еврозоната таа изнесувала 15,4 проценти, што е исто така повисоко од претходниот месец, кога изнесувала 15,1 процент.

Во споредба со август, бројот на невработени млади луѓе се зголемил за 44.000 во ЕУ и 69.000 во Еврозоната. Во споредба со септември 2025 година, нивниот број се зголемил за 45.000 во ЕУ и 80.000 во Еврозоната.

Кога станува збор за невработеност по пол, стапката кај жените во ЕУ била 6,4 проценти, а кај мажите шест проценти. Двете стапки останале на исто ниво како и во август. Во Еврозоната, невработеноста кај жените изнесуваше 6,7 проценти, исто така непроменета на месечна основа, додека стапката кај мажите се зголеми од 6,3 на 6,4 проценти.