Њуменс започна соработка со Европската и Француската Вселенска Агенција

35

unnamed

За време на 52-то издание на Paris Air Show кое традиционално се одржува секоја втора година уште од 1909, на коe светските гиганти во аеро и спејс инустријата ги претставуваат своите најнови технолошки иновации, македонската компанија Њуменс Бизнис Акцелератор потпиша договор за старт на соработката со Европската Вселенска Агенција – ESA и Француската Вселенска Агенција – CNES. За време на свеченоста присуствуаа претставници и од Канадската и од Јапонската Вселенска Аганција.

Како дел од соработката, компанијата Њуменс ќе биде задолжена за проширување на натпреварот за вселенски технологии Act In Space на територијата на САД и тоа на 15 локации меѓу кои Вашингтон, Масачусетс, Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес, Сан Франциско, Сиетл, Хјустон, Кејп Канаверал.

Она што го прави овој натпревар посебно атрактивен е што е наменет првенствено за старт-ап тимови кои ќе развијат комерцијални решенија врз основа на постоечки патенти на Европската Вселенска Агенција или на некоја од корпоративните партнери на натпреварот како што е гигантот Ербас, кои понатаму ќе продолжат со финансиска и стратешка поддршка на старт-ап компанијата со цел лансирање на решението на пазарот. За најдобрите стартапи предвидено е вклучување во некој од 16-те инкубатори за вселенски технологии на ЕСА во земјите членки на оваа агенција.

Директорката на Њуменс, Ирена Чаушевска, информираше дека ќе овозможат вклучување и на македонски стартапи преку организирање на Act In Space натпревар во еден град од Македонија во мај 2018 година. Чаушевска посочи и дека потрагата по квалитетни тимови ќе започне уште од септември 2017 година, така што ќе имаат доволно време да се подготват за конечно нашата земја да ја добие и првата старт-ап компанија за аеро и спејс индустрија регистрирана во Македонија, која ќе има отворени можности за соработка со клиенти од европскиот и американскиот пазар, а Македонија постепено да прерасне во хаб за аеро и спејс иновации во овој дел од Европа. Имајќи во предвид дека Њуменс Бизнис Акцелераторот е носител и на лиценцата за натпреварот NASA Space Apps Challenge кој веќе пет години го организира и во Македонија и со кого израснаа и се развија многу млади таленти, од Њуменс сметаат дека е дојден вистинскиот момент за следните чекори во оваа област, стои во соопштението.

Во рамки на Њуменс делуваат Академија за напредни вештини во компјутерски и креативни технологии и поддршка при вработување, како и акцелератор за иновативни компании и идеи.