Српското министерство за економија објави јавен повик за учество во постапка на јавно собирање понуди со јавно наддавање поради продажба на капиталот на Акционерското друштво Галеника за производство на лекови, дентал, антибиотици, фармацевтски сировини, парафармацевтски производи, ветеринарни производи и адитиви Белград.
Предмет на продажба е 93,72914% од вкупниот капитал, а според извештајот на овластен проценител, вкупната проценета вредност на капиталот којшто е предмет на продажба, на 31 декември 2016 година изнесува негативни 151,7 милиони евра. Почетната цена за пакетот акции што се нуди на продажба е 1 евро. Купувачот ќе има обврска да го зголеми основниот капитал на субјектот на приватизација со уплата на износ од 25 милиони евра коишто ќе се користат за финансирање на подмирување на обврските кон финансиските доверители, стои во повикот.
Право на учество во постапката имаат домашни и странски правни лица кои ги исполнуваат следните услови: како претежна дејност да се занимаваат со производство на фармацевтски производи, самостојно или на консолидирано ниво да оствариле приход од најмалку 300 милиони евра во последната година.
Рокот за доставување на пријави е 2 октомври 2017 година, до 12 часот.