Што е командитно друштво?

1699

lap-top-i-tablet-pixabay

Фото: Pixabay

Командитно друштво е трговско друштво во коешто се здружуваат две или повеќе физички и правни лица од кои најмалку еден содружник одговара за обврските на друштвото лично со сиот свој имот, односно неограничено и солидарно ако се најмалку два содружника, а најмалку еден содружник одговора за обврските на друштвото само до износот на запишаниот влог во друштвото.

Содружникот, според законодавецот, којшто одговара со целиот свој имот се нарекува комплементар, додека содружникот што има ограничена одговорност се нарекува командитор.

Со овој вид на друштво управуваат комплементарите, додека командиторите немаат право да управуваат. Командиторите не може да им се спротивставуваат на одлуките на комплементарите, освен на оние одлуки и постапки што се однесуваат или се преземаат надвор од редовното работење на командитното друштво.

Добивката се дели меѓу содружниците на овој вид на друштво сразмерно на уделот на секој содружник во друштвото, освен ако со договорот на друштвото поинаку не е определено. Командиторот учествува во покривање на загубите на командитното друштво до висината на запишаниот влог, ако поинаку не е определено во договорот за друштвото.

Теоријата препознава и командитно друштво со акции, во коешто основната главнина е разделена на акции и во коешто има еден или повеќе содружници кои одговараат неограничено и солидарно за обврските и неколку содружници кои имаат својство на акционери и кои одговараат до износот на нивните влогови и кои не одговараат за обврските на друштвото. Бројот на командитори, во овој случај, не може да биде помал од три.