Каков БРЕНД си ти?!

61

kolumna

Фото: Pixabay

Ова прашање може да го разгледуваме од два аспекта: каков бренд е твојата компанија (производ, услуга) или каков бренд си ти лично!?

Бренд и брендирање е секогаш актуелна тема на разговор. Сите сме контаминирани со брендирана облека, технологија, храна, играчки за големи и за мали. Често знаеме да дебатираме со пријателите, кој, што, колкав бренд е. Но, најчесто зборуваме за нештото/ производот, дали е или не е бренд. Во тоа лежи и најголемиот мит за бренд и за брендирање.

СÈ Е БРЕНД!

Прашањето што треба да го поставиме е, каков бренд е тоа?! И најлошите и неквалитетни производи се бренд. И оние ексклузивни и извикани производи, и тие се бренд. Со тоа што првите се неквалитетен (слаб) бренд, а вторите квалитетен (силен) бренд. Истото се случува и со нас лично. Сите ние сме бренд сами за себе. И ти, и колегата до тебе, и твојот сосед и членовите на твојата фамилија. Сите сте бренд. Прашањето кое треба да си го поставите себеси (но и за другите) е „каков бренд сум јас”? Што мислам јас за себе и дали тоа што го мислам се поклопува со мислењето на другите! Ако на некоја забава им кажете на пријателите дека ќе дојде и Перо, и тие изреагираат негативно, таков бренд е Перо. Ако, пак, изреагираат позитивно, значи таков е бренд Перо.

Честопати мислиме дека брендот е лого, етикета, симбол или име. Но, бренд е нешто повеќе, подлабоко. Тоа ги претставува вредностите и карактерот на производот/услугата или личноста. Во секој случај, она за кое се бори секој компаниски бренд, е да воспостави највисока врска со својот купувач, т.е. така наречена “brand love” врска.

За да го постигнете тоа не треба да направите само убаво пакување или да се облечете во најновата колекција од некој бренд. Тоа претставува мултидимензионална и сеопфатна платформа која треба во континуитет да се имплементира и да ги промовира основните карактеристики, вредности на тој производ или личност.

Кога ќе се брендираш правилно, тогаш конкуренцијата

станува ирелевантна

Волт Дизни

Низ неколку чекори запознајте се со најважните аспекти и елементи за развој на бренд и како со тоа да постигнете поголема диференцијација на пазарот – компаниски или лично.

ЧЕКОР 1: Генерална цел – Што претставува вашиот бренд и зошто го правите тоа?! Која е вашата ултимативна цел (неизразена само во пари)? Зошто воопшто го почнувате или сте го почнале вашиот бизнис? Истото ова можете да го прашате и за себе самите?

ЧЕКОР 2: Анализа на моменталната состојба – опфаќа целосна анализа на работењето на компанијата, внатрешните можности, капацитети, тим итн. Дополнително анализа на надворешните фактори, влијанија, потенцијали и трендови на пазарот. Од личен аспект ова би значело, познавање на себеси, своите вредности, карактеристики и потенцијали. Како и што е тоа што сакам другите да го препознаваат како „јас” бренд.

ЧЕКОР 3: Производно портфолио – Категоризација на производите и на услугите. Кои се групите на производи што ги работите? Како ги позиционирате и менаџирате сите тие категории? Од личен аспект, ова значи алоцирање на вашите најсилни карактеристики што сакате да се главно обележје на вашиот личен бренд.

ЧЕКОР 4: Бренд стратегија – Избор на стратешки правци за развој на брендот. Кои се фазите, како ќе го развивате брендот и која е вашата стратегија со која ќе се позиционирате и диференцирате на пазарот? Каква е вашата лична стратегија за брендинг?

ЧЕКОР 5: Визуелен идентитет – Дефинирање на изгледот на производот. Како да му скроите костум по мерка, со кој најдобро ќе го искомуницирате она што е најважно за вашиот производ. Она што ќе го претставува најдобро неговиот вистински карактер. Дали вашата облека, аксесоари, накит го истакнуваат вашиот вистински карактер/вредности?!

ЧЕКОР 6: Комуникациски план – Откако ги поставивте основите на брендот, следно е планирање на комуникациска стратегија, како најефективно и ефикасно ќе ги промовирате и комуницирате вредностите на брендот. Од личен аспект тоа значи, кои/какви канали (кафулиња, театар, спорт, концерти, канцеларија, Facebook, итн.) ги користите за промовирање на вашиот личен бренд.

ЧЕКОР 7: Егзекуција – Од горенаведеното, сè може да ви биде совршено, но ако немате добар тим и знаење како најдобро да ги имплементирате вашите планови, сè може да е залудно. За личниот бренд ова значи континуитет во комуникација на особеностите што сакате да ги пласирате во јавноста.

Доколку сте задоволни со резултатите на вашиот компаниски и личен бренд, тогаш не треба да правите ништо. Во спротивно, следете ги чекорите и направете „лифтинг” на вашиот бренд или целосно ребрендирање.

Со успех во промените.

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.