Центарот за обука на АМЕРИТ се опреми со модерен симулатор на камион

57

s1-1Центарот за обука на СИЗ Македонија сообраќај – АМЕРИТ се опреми со најмодерен симулатор на камион од типот Мерцедес, којшто ќе овозможи пред – подготовка за возење и маневрирање со реален камион, на различни патишта и при различни временски и сообраќајни услови на патот.

Центарот е прв во регионот кој нуди ваква опрема која ќе биде подеднакво достапна како за идните кандидати за возачи, така и за сите оние возачи на камиони кои ќе сакаат да ги подобрат своите вештини, стои во соопштението.

Симулаторот претставува подвижна камионска кабина што ги симулира движењата на камионот во секакви ситуации. На него возачите можат да ги учат или доусовршуваат нивните способности за возење камион во урбана и рурална средина, за маневрирања, возење по тешки терени, рационално возење и слично. За време на обуката, инструкторот преку посебна конзола го следи возењето на возачот и може да ја менува околината во којашто се наоѓа камионот преку густината на сообраќајот, временските околности, теренот и слично. На крајот на возењето се формира извештај за начинот на возење на возачот преку однапред поставени параметри и се оценува способноста на возачот.

“Со новата современа опрема, АМЕРИТ успешно ја реализира идејата за заокружување на процесот на обука на возачите за меѓународен превоз со вметнување на практично симулирано возење и маневрирање на камион. Ние сме посветени на зголемување на квалитетот на транспортот преку обуките што ги нудиме, нудејќи им помош на транспортните компании во едуцирање на возачите и останатиот персонал кој е вклучен во транспортот и континуирано работиме на зголемување на свесноста кај возачите за поголема безбедност но и на нивната подготвеност”, изјави раководителот на Центарот за обука Синани Хајдин.

Симулаторот нема да биде достапен само за доостручување и практична обука на идните кандидати возачи што ќе ги користат услугите на едукативниот центар на АМЕРИТ, туку и за сите возачи кои ќе сакаат да ги подобрат своите вештини за возење и маневрирање, односно за секоја компанија која ќе сака да ги подобри капацитетите на своите возачи.

Центарот за обука на СИЗ Македонија Сообраќај – АМЕРИТ, којшто за прв пат е отворен во 2007 година, е дел од Академијата на ИРУ (International Road Transport Union), којашто е целосно посветена на креирање современи програми за обуки во транспортниот сектор. Со добиените акредитации за обука од страна на Академијата на ИРУ, центарот за обука на АМЕРИТ нуди гаранција за квалитетни обуки со инструктори кои поседуваат меѓународни сертификати.