По овогодинешниот влез на пазарот за пензиско осигурување во Босна и Херцеговина, Групацијата Триглав во Македонија започнува со работа во сегментот осигурување на живот, со отворање на нова компанија, Триглав Осигурување Живот АД, Скопје, стои во соопштението објавено на Македонска берза.
Финансиско – осигурителната групација во овој дел од Европа е присутна на македонскиот пазар од 2007-ма година и, како што се наведува, ја има лидерската позиција во доменот на неживотно осигурување, со удел на пазарот од 18%. Зацврстувањето на позицијата во регионот и фокусот на развивање на осигурување на живот, здравствено и пензиско осигурување на пазарите каде што Групацијата е присутна, се во согласност со стратешките планови до 2020 година.
Групацијата го проширува работењето и во сегментот на осигурување на живот, каде што гледа потенцијал за раст поради ниската пенетрација на овој вид на осигурување. Дополнително, се очекуваат предизвици согласно условите на пазарот, бидејќи овој осигурителен сегмент е тесно поврзан со социо – економската ситуација во земјата. Во моментов, во прилично конкурентни услови на пазарот, оперираат четири компании за осигурување на живот.
Групацијата Триглав ќе настапи на пазарот со своите конкурентски предности, особено со својот силен, доверлив и висококвалитетен производ и соодветна експертиза. Групацијата ќе оперира во овој сегмент од осигурителниот пазар преку новата осигурителна компанија Триглав Осигурување Живот АД, Скопје, во согласност со локалната легислатива. Согласно стратегијата на Групацијата Триглав за периодот 2017-2020, водечката регионална осигурително-финансиска групација, ги одреди насоките за своите операции, во чијшто фокус се двата столба на Групацијата: осигурување и управување со средства. Како што беше најавено, во контекст на нејзините осигурителни операции, Групацијата Триглав планира да продолжи да ги развива пазарите и примарно да инвестира во сегментите на осигурување кај кои што се очекуваат високи стапки на раст, кои што ги вклучуваат сегментот на осигурување на живот, како и здравственото и пензиското осигурување.