Компанијата Walt Disney денес е една од најголемите медиумски корпорации во светот. Ја сочинуваат неколку телевизиски мрежи, кабелски канали, придружни компании за производство и дистрибуција и телевизиски станици. Некои од нив се: ABC Television Network, Disney Channel, ESPN Inc. и CTV Specialty Television.
Не постои човек и дете што не слушнале за цртаните и филмовите на Дизни. Освен мега популарните анимирани ликови, тука се и тематските паркови Дизниленд, игри, играчки, облека, музика…
Сè започна од едно мало глувче и еден креативен човек. Волт Дизни е роден 1901 година во Хермоса, Илиноис. Љубовта кон цртањето ја развива уште како дете со цел да избега од секојдневието. На 16-годишна возраст се приклучува на Црвениот крст и од Канзас се сели ви Франција. Откако се враќа во САД започнува да работи за компанијата City Film Ad, каде изработува реклами, почнува да се интересира за анимација и отворање сопствена компанија.
Неговата желба станува реалност – заедно со неговиот брат го отвораат студиото Disney Brothers со седиште во Калифорнија. Првиот анимиран филм, Steamboat Willie, со Мики Маус во главна улога го имаше своето деби во 1928 година.
По големиот успех на филмот, во 1937 година Дизни создава уште еден легендарен анимиран филм – Снежана и седумте џуџиња. Многумина мислеа дека ќе доживее фијаско. Тоа беше еден ризичен потег со оглед на тоа што при креирањето беа потрошени три години и се користеше посебна, нова и скапа техника Technicolor.
Сепак, филмот за Снежана и седумте џуџиња доживеа огромен успех и е прогласен за најдобар долгометражен филм за 1938 година што го потврди талентот на големиот аниматор. Заработи неверојатни 1,5 милиони долари и освои осум оскари. Следните пет години студиото Walt Disney ги креира Пинокио (1940), Фантазија (1940), Дамбо (1941) и Бамби (1942).
Дизни не запира тука, охрабрен од успехот целата своја енергија ја насочува кон креирање на нови легендарни ликови. Во 1950 година ја создава Пепелашка, по што следуваат: Островот на богатството (1950), Алиса во Земјата на чудата (1951), Петар Пан (1953), Заспаната убавица (1959) и 101 Далматинец (1961). Вкупната бројка на произведени филмови во неговото студио е над 100.
Тематскиот парк Дизниленд, којшто чинеше 17 милиони долари, е отворен во 1955 година во Анахајм, Калифорнија. За кратко време стана популарно место за забава за целата фамилија. Со тек на време се отворија паркови и во други градови како Токио, Париз, Хонг Конг, Шангај…
Последен филм со потпис на Дизни беше Мери Попинс од 1964 година, комбинација од анимација и актери. Големиот иноватор умира на 65-годишна возраст во 1966 година, не дочекувајќи го отворањето на комплексот Walt Disney World, во Орландо, Флорида, пет години подоцна.
Она што Дизни го претставуваше и продаваше на публиката беше идеја за среќно семејство и идиличен живот. На луѓето тоа им беше добредојдено – бегство од секојдневниот метеж проследено со добра забава за целото семејство. Тој никогаш не испушташе прилика да ја рекламира својата компанија. Од цртани ликови, анимирани долгометражни филмови, логоа, до промотивни производи, мега тематски паркови Дизни умееше да ја привлече публиката и да создаде бренд што ќе трае со генерации.
Денес на чело на Walt Disney Company е Боб Игер, а минатата година компанијата оствари приходи од над 55 милијарди долари.
Фото: Walt Disney Company