
Европската комисија ја претстави првата Стратегија на ЕУ за одржлив туризам, чија цел е зајакнување на конкурентноста во услови на меѓусебно поврзани предизвици со кои се соочува оваа индустрија.
Европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Цикикостас, на прес-конференција во Брисел изјави дека туризмот е „темел на европската економија“.
„Прво на сите, извонредната разновидност на нашите земји и региони ја прави Европа водечка туристичка дестинација во светот“, рече тој, пренесува Euronews.
Според податоците од Европската комисија, туристичкиот сектор во Европа обезбедува 20 милиони работни места и вклучува пет милиони компании, од кои 99 проценти се мали и средни компании. Туризмот придонесува со десет проценти од вкупната бруто додадена вредност на Европската Унија.
Една од клучните цели на новата стратегија е да се намали притисокот врз најпосетуваните туристички дестинации, а воедно да се промовираат помалку познатите области и да се поттикнат патувањата во текот на целата година.
Европската комисија планира да воспостави туристичка алијанса на високо ниво, која ќе ги собере земјите-членки, регионалните и локалните власти, туристичките компании и други заинтересирани страни со цел да се зајакне конкурентноста на европскиот туризам.
Стратегијата, исто така, предвидува намалување на административните пречки, подобрување на дигиталните алатки и овозможување пристап до податоци што би им помогнале на туристичките компании во иновациите и одржливиот развој.
Меѓу најавените мерки се основањето на Европската академија за туризам, која ќе овозможи професионален развој на вработените, како и воспоставување на заеднички европски простор за туристички податоци и Опсерваторија за туризам на ЕУ за следење на трендовите во овој сектор.












