Фото: Pixabay
Остварувањето на идеите, односно тестирање на некоја идеја, досега никогаш не било полесно. Сигурно повеќето од вас се нашле во ситуација каде што имале генијална идеја, но се плашеле да ја споделат заради стравот од тоа што ќе речат другите, дали ќе им се допадне, како ќе ја прифатат, како ќе ја финансирате итн. Колку од вас се откажале од тие идеи заради тоа што не сте знаеле како ќе бидат прифатени или пак, ризикот ви изгледал преголем?
Но, постои еден концепт што се нарекува crowdfunding и помага во реализирање на тие идеи. Crowdfunding е термин којшто произлегува од зборот crowdsourcing што значи користење на моќта на многуте (Crowd – мнозина, Sourcing – извор). Во дигиталната ера, каде што имаме непресушен извор на информации, ги имаме сите информации на дланка за помалку од една секунда, и можеме да стапиме во контакт со секого низ светот во два лесни чекора. Ерата на посредниците веќе станува минато.
Но, што е Crowdfunding и како функционира?
Crowdfunding е алтернативен начин на финансирање, односно практика за финансирање на проекти каде што голем број луѓе потпомагаат со мали суми, најчесто преку Интернет, за поддршка на некој нов концепт или производ. До неодамна, доколку бевте во потрага по финансиска поддршка за започнување на бизнис или лансирање на нов производ, беше потребно да се обратите кај фондови, банки, бизнис ангели, фамилија и други алтернативни извори. Сите овие посредници бараат од вас да креирате детален бизнис план, финансиски проекции и уште еден тон документи кои би ви одземале месеци за да ги подготвите. Свесно се обраќате кај многу лимитиран број извори, а и дали ќе успеете е голем прашалник.
Денес, постојат повеќе од 2.000 дигитални платформи кои ви овозможуваат финансиско поддржување во фаза на почетни концепти/идеи. Најпознати платформи од овој тип се Kickstarter и Indiegogo, преку кои само во 2015 година се имаат финансирано проекти во вредност од над три милјарди долари.
Зошто Crowdfunding?
Постојат милион и една причина зошто да се вклучите во еден ваков предизвик. Ние ги одбравме главните шест.
Брзо тестирање – веднаш ќе знаете дали има интерес за вашиот производ или не и ќе добиете фидбек, како да го подобрите од идни корисници.
Продажба пред производство – не е потребно да инвестирате еден цел кредит за производство на производ кој можеби нема да успее. На овој начин го продавате производот уште пред да се произведе и знаете точно колкаво количество е потребно.
Анализа на потенцијал и пазар – сите правиме некакво истражување пред да лансираме нов производ, но никогаш не можеме да знаеме со сигурност колкав е потенцијалот пред да излезе производот. На овој начин може да се анализира потенцијалот најдобро.
Корисници на глобално ниво – во дигиталната ера зборот ‘локално’ полека бледее. Преку овие платформи имате можност да го понудите производот на корисници од сите континенти.
Нови можности – отворете ги вратите кон нови можности. Кога се отворате глобално, никогаш не знаете какви сè можности ќе се отворат по пат.
Без посредници – crowdfunding платформите овозможуваат да го претставите вашиот концепт на една огромна публика, односно голем број на потенцијални корисници и целосно да ги скокнете посредниците.
Дали можам јас да се вклучам во еден ваков проект?
ДА! Секој кој има интересна идеја, голема амбиција и желба за работа, може сам да се вклучи во crowdfunding, да претстави еден свој производ, дури и концепт за него. И ве охрабруваме сите што имате каква било идеја за иновативен производ, да ја разгледате оваа можност.
Но, бидете подготвени! Подготовките на една ваква кампања бараат целосно вложување во проектот барем неколку месеци. Пред да се впуштите, консултирајте се, читајте и информирајте се што повеќе, со цел вашиот продукт да биде што поуспешен.
Со успех во промените,
Драгана Нешовска , Ко – основач и менаџер за отворени иновации, Солвео