Фото: Bayou with Love
Технолошкиот гигант Dell склучи партнерство со Ники Рид, актерка, претприемач и дизајнер, за да го претвори електронскиот отпад во рециклиран златен накит. Circular Collection е линија за накит направена од златото од компјутерските матични плочи на Dell. Со овој потег компанијата сака да ја истакне вредноста на рециклирањето и одржливиот дизајн, пишува Digital Trends.
Колекцијата вклучува 14 и 18-каратни златни прстени, обетки и манжетни, а ќе бидат претставени на саемот за електроника CES во Лас Вегас.
“Создадени се за да донесат поголема свест за човечкото влијание на нашата планета и да покажат дека убавите предмети може да потекнуваат од одржливи извори и рециклирани материјали. Со рециклирање на златото што некогаш се сметаше за ‘отпад’ се трудиме да создадеме средина во којашто постојано ќе ги реупотребиме ресурсите и ќе се стремиме кон нула отпад“, вели Рид, ко – основач на Bayou with Love.
Парчиња од новата линија за накит може да се нарачаат од веб страната на Bayou with Love, а најевтиното парче накит чини 88 долари.
Dell минатата година ја претстави првата кутија за лаптоп изработена од рециклирана пластика, како дел од пилот проектот што предвидува користење на пластичен отпад.