Што е проценка на ризик на работно место?

2637

workplaceФото: Pexels

Проценката на ризик се заснова на анализа на веројатност на настанувањето и тежината на можната повреда на работа, оштетување на здравјето или болеста на вработениот во врска со работата на работното место и во работната средина. Проценката се прави врз основа на претходна анализа којашто го зема предвид видот на можната повреда (лесна, тешка, смртна).

Опасностите и штетностите можат да бидат препознаени според нивната природа како:

Механички опасности, што се јавуваат со користење односно употреба на опрема за работа:

  • недоволна безбедност поради вртливи или подвижни делови;
  • слободно движење на делови или материјали што можат да нанесат повреда на вработениот;
  • внатрешен транспорт и движење на работни машини или возила, како и поместување на одредена опрема за работа;
  • користење на опасни средства за работа што можат да предизвикаат експлозии или пожар;
  • неможност или ограниченост за навремено преместување од работното место, изложеност на затворање, механички удар, поклопување и сл.
  • други фактори што може да се појават како механички извори на опасности.

Опасности што се јавуваат во врска со карактеристики на работното место, како што се:

  • опасни површини (подови, површини за газење или површини со коишто вработените доаѓаат во контакт, а имаат остри рабови, шилци, испакнати делови и сл.);
  • работа на височина или длабочина, согласно прописи за безбедност и здравје при работа;
  • работа во тесен, ограничен или опасен простор (помеѓу два или повеќе фиксирани делови, помеѓу подвижни делови или возила, работа во затворен простор којшто е недоволно осветлен или проветрен и сл);
  • можност за лизгање или сопнување (влажни или лизгави површини);
  • физичка нестабилност на работното место;
  • можни последици или пречки поради задолжителна употреба на средствата или опрема за лична заштита при работа;
  • влијанија поради обавување на работниот процес со примена на несоодветни или неприлагодени методи на работа и
  • други опасности коишто може да се јават во врска со карактеристики на работното место и начинот на работа.

Опасности што се јавуваат со користење на електрична енергија како што се:

  • опасност од директен допир со делови на електрична инсталација и опрема под напон;
  • опасност од индиректен допир со делови на електрична инсталација и опрема под напон;
  • опасност од топлотното дејство што го создаваат електрична опрема и инсталациите (прегрејување, пожар, експлозија, електричен лак или искрење и др.);
  • опасности од удар на гром и последици од атмосферско празнење;
  • опасност од штетното влијание на електростатичен електрицитет и
  • други опасности коишто можат да се појават во врска со користење на електричната енергија.

Штетности коишто настануваат или се јавуваат во текот на работниот процес, како што се:

а) хемиски штетности:

  • прашина, течности, гасови и чад (вдишување, гушење, навлегување во телото преку кожата, изгореници, труење и сл.);
  • присутност на лесно нагризувачки материи;
  • реактивни / непостојани материи;

б) физички штетности:

  • бучава и механички вибрации;
  • зголемен или намален атмосферски притисок;
  • штетни влијанија на зрачења (јонизирачко зрачење, нејонизирачко зрачење, топлинско зрачење);
  • штетни влијанија на микроклиматските фактори (висока температура, ниска температура, влажност, брзина на струење на воздухот);
  • несоодветна или недоволна осветленост;
  • штетни атмосферски влијанија (работа на отворено);
  • работа во близина на вода или под површината на водата и
  • употреба на запаливи и експлозивни материи;

в) биолошки штетности (изложеност на инфективни агенси, микроорганизми, алергени, работа со животни);

г) штетности што настануваат со користење на опасни материи во производство, транспорт, ракување, пакување, складирање или уништување и

д) други штетности што се јавуваат во текот на работниот процес, а коишто може да бидат причина за повреда на работа, професионалното заболување или болест во врска со работа.

Штетности што произлегуваат од психички и психофизиолошки напори, што се врзуваат за работното место и работите кои вработените ги обавуваат, како што се:

  • напори или телесни напрегања (рачно пренесување товар, туркање или влечење товар, различни долготрајни зголемени телесни активности и сл);
  • нефизиолошка положба на телото (долготрајно стоење, седење, клечење и сл);
  • неповолни ергономски фактори;
  • напрегања при обавување на одредени работи што предизвикуваат психолошки оптоварување (стрес, монотонија и сл.) и
  • одговорност во прием и пренос на информации, користење на соодветни знаења и способности, одговорност во правила на однесување, брзи измени на работни процедури, интензитет на работа, просторна условеност на работното место, конфликтни ситуации, работа со странки, работа со пари, недоволна мотивација за работа, одговорност во раководење, потреба за донесување на одлуки и сл).

Штетности врзани за организацијата на работата, како што е – работа подолга од полно работно време: прекувремена работа, работа во смени, ноќна работа и готовност во случај на интервенции.

Останати штетности што се јавуваат на работни места, како што се – штетности што ги предизвикуваат други лица (насилство на работа при работа на шалтер, работа на обезбедување, работа на ревизори, инспекции, полиција ,здравствени работници и др.).

Мерки за намалување или спречување на ризикот на работното место се:

  • Одржување во исправна состојба и вршење повремени прегледи и испитувања на опрема и средства за работа;
  • Обезбедување на пропишани услови за безбедност и здравје при работа во работната средина;
  • Обука на вработените за безбедно извршување на работата;
  • Обезбедување на средства и опрема за личната заштита при работа, нивно одржување и испитување;
  • Упатување на вработените на превентивни здравствени прегледи во овластена здравствена установа во којашто се врши дејност медицина на трудот, согласно со прописи од областа на здравството и
  • Посебни здравствени услови коишто мора да ги исполнат вработените на работни места со зголемен ризик или за употреба, односно ракување со определена опрема за работа, се утврдуваат согласно оценката на овластената здравствена установа во која се врши дејноста медицина на трудот.

Повеќе детали за оваа тема можете да прочитате во прирачникот објавен на веб сајтот на Mинистерството за труд и социјална политика: www.mtsp.gov.mk/WBStorage/Files/rizik.doc.