Избрани петте идеи на конкурсот за иновации на Телеком и Т-Мобиле

89

NAKМакедонски Телеком и Т-Мобиле ги објавија петте избрани идеи на конкурсот Партнер за иновации.
Петте избрани проекти се наградени со средства во висина од 100.000 евра, а истите ќе се реализираат во 2013 година. На располагање ќе бидат ставени и сите ресурси на Т брендот во Македонија, вклучувајќи ги експертските тимови и целокупната инфраструктура и корисничка база на двете компании.

Петте партнер проекти се: T-Care (виртуелна средина базирана на вештачка интелигенција), МаркетКонект (веб платформа за онлајн трговија), Smart Wine (M2M cloud решение за интелигентно следење на земјоделските параметри), CollaboDox (систем за соработка меѓу различни платформи) и Cloud Message (систем за мобилно споделување пораки и рекламирање).
“Иновациите се клучот за успех и одржливост на пазарот, а стратегијата на Телеком Групацијата не е само да развива и да нуди сопствени иновации, туку исто така успешно да ги интегрира иновациите од надворешни партнери. Убеден сум дека заедно можеме да ги понудиме најдобрите иновативни комуникациски решенија за Поврзан живот и работа”, изјави Тило Куш, Главен извршен директор на Македонски Телеком АД – Скопје.

За време на конкурсот, кој започна на 12 ти декември 2012 и траеше до 15 февруари годинава, се пријавија 78 иновативни идеи од страна на поединци и компании во Македонија. Конечниот избор на петте концепти, го направи експертска жири комисија составена од двете компании. Следен чекор е развивање и имплементација на петте најдобри проекти.

“Нашата мисија е да го инспирираме целокупниот бизнис сектор во Македонија, затоа што тоа значи унапредување на македонската економија воопшто. Вистински предизвик беше да се изберат само пет решенија од многуте пристигнати. Учесниците со своите сјајни идеи го потврдија фактот дека во Македонија има мрежа на иноватори која може да нè промовира и во меѓународни рамки”, изјави Жарко Луковски, Главниот извршен директор на Т-Мобиле Македонија.