Со последните активности на Министерството за труд и социјална политика и Управата за јавни приходи, бројот на пријавени работници со скратено работно време значително опадна, изјавија првите луѓе на овие институции, Спиро Ристовски и Горан Трајковски.
“Бројот на вработени е зголемен од 83.659 на 88.436, а бројот на вработени со скратено работно време од 20.260 е паднат на 16.671. Се работи за 6,5% намалување на вработени кои се пријавуваат со скратено работно време”, рече Трајковски.
Целни групи за следење, каде има најмногу вработени со скратено работно време, се трговијата на мало, дејности за подготовка на оброци и служење на храна.
Министерот Ристовски информираше дека од 599 извршени инспекциски надзори на Државниот инспекторат за труд кај работодавачи кои имаат вработено 4.505 работници со скратено работно време, кај 116 работодавачи се констатирани неправилности со неводење или неправилно водење на евиденција за работното време на работниците, работниците вработени со скратено работно време да работат подолго од договореното или не се евидентира и не се исплатува прекувремената работа.
“Врз основа на констатираните неправилности донесени се решенија со кои се задолжуваат работодавачите да ги отстранат утврдените недостатоци и неправилности. При повторните контроли констатирано е дека на 1.254 работници кои работеле со скратено работно време, работниот однос им е трансформиран во работен однос со полно работно време”, рече Ристовски.
За констатирани прекршувања на законот, односно неотстранување на утврдени недостатоци, против 14 работодавачи се поднесени барања за поведување на прекршочна постапка. За прекршоците работа подолго од скратеното работно време и подолго од полното работно време предвидена е глоба од 2.000 до 3.000 за правното лице и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице.
Ристовски зборуваше и за проблемот со прекршувања на Законот за минимална плата, односно неисплаќање минималниот износ.
“Неофицијалните сознанија говорат дека во приватниот сектор работниците даваат овластувања на своите работодавачи да ја повлечат исплатената плата и потоа на вработениот да му исплатат пониска плата од законски утврдениот износ. За оваа непопуларна појава, се уште нема доставени дојави/пријави до Инспекоратот за труд”, рече Ристовски.
Тој ги повика вработените кои се нашле или доколку се најдат во ваква ситуација, да пријават до Државниот инспекторат за труд – електронски преку интернет страницата, телефонски на броеви 15 131 и 15 505, или поштенски, а инспекцијата ќе постапи согласно законските прописи.
За непочитување на Законот за минимална плата предвидени се глоби од 6.000 до 7.000 евра за работодавач, ако на работникот не му исплати минимална плата и од 3.000 до 4.000 евра за одговорното лице.