Фото: Facebook
Американскиот телекомуникациски гигант T-Mobile се согласи да го купи својот ривал Sprint со договор вреден 26 милијарди долари, пренесува BBC.
Спојувањето на третиот и четвртиот по големина американски мобилен оператор е со цел да создаде поконкурентна фирма со околу 130 милиони корисници.
Според директорот на T-Mobile, Џон Лежер, новата фирма ќе потроши 40 милијарди долари за изградба на 5G мобилна мрежа во наредните три години. Нејзиното име останува T-Mobile, а ќе има пазарна вредност од 146 милијарди долари.
Спојувањето доаѓа по неколку месечните преговори помеѓу главниот акционер на T-Mobile, Deutsche Telekom, и јапонската SoftBank, којашто има најголем удел во Sprint.
Според договорот Deutsche Telekom ќе поседува 42% од новата компанија и ќе го контролира одборот, додека Softbank ќе поседува 27% од акциите.
Аналитичарите велат дека комбинираната компанија ќе има повеќе моќ да се натпреварува со првата и втората најголема компанија за телекомуникации во САД, Verizon и AT&T, од коишто секојa има повеќе од 100 милиони претплатници.