Старт-ап од Сингапур “закана“ за големите козметички брендови

55

Фото: Facebook

Во бизнисот со козметички препарати во којшто се “вртат“ повеќе милијарди долари и каде што доминираат  L’Oreal, Estee Lauder и Shiseido, од неодамна длабоко е навлезен еден сингапурски старт-ап.

Allies of Skin со само три производи почна да се пробива на пазарот од 2016 година објави CNN.На нејзиниот основач Николас Тревис на почетокот му било прилично тешко да се пробие на пазарот каде се знаеле влијателните брендови. Но, по многу телефонски јавувања и испратени мејлови успеал да убеди неколку влијателни трговци на големо за соработка.

Моментално Allies of Skin има седум производи. Цените се движат од 45 долари за малечко пакување на отстранувачи на шминка до 120 долари за ноќна крема за лице.

Според проценките на експертите глобалната индустрија за убавина и производи за лична нега се очекува да расте за околу 4% годишно, достигнувајќи 430 милијарди долари до 2022 година.

Најзаслужна за порастот, според анализите, ќе биде дигиталната продажба. Купувачите се повеќе ги заобиколуваат продавниците, се вели во ланскиот извештај изработен од консултантската фирма Deloitte.

Денес, четири од пет клиенти за убавина истражуваат и купуваат производи онлајн, а Allies of Skin спаѓа токму во оние компании чиешто богатство во голема мера се должи на онлајн продажбата.

Нејзиниот основач Тревис очекува приходите на компанијата од 700.000 во 2016, годинава да скокнат на најмалку 2 милиони долари.