Фото: Blue Origin
Американската компанија Blue Origin објави дека ракетите New Shepard се функционални и можат да остварат суборбитални летови и да се вратат на Земјата, со што се на чекор до реализација на оригиналниот план на основачот на компанијата, Џеф Безос да се користи ракетата за комерцијални летови во вселената, пишува Fortune.
Неодамна и потпреседателот на Blue Origin најави дека веќе од следната година ќе се пуштат во продажба и првите билети за вселенските летови.
New Shepard е суборбитална ракета којашто може да достигне висина од околу 100 километри, и веќе има направено пробни успешни тестови со лансирање и вертикално слетување на земјата. Според информациите од компанијата, останува уште да се тестира лет со човечки екипаж, од космодромот во Западен Тексас и ако сè помине според планираното, од следната година ќе започнат редовните комерцијални летови.
Според проценките летот би требало да трае десетина минути, во патничка капсула со големина од околу 15 метри кубни, во којашто ќе може да се сместат шест вселенски туристи. После лансирањето, првиот степен од ракетата се враќа на тлото и слетува вертикално исто како Falcona 9 на Илон Маск. Патничката капсула се враќа на земјата нешто подоцна со помош на падобран и ретро ракетен мотор којшто го забавува нејзиното призејмување.
Сепак веста за првите вселенски патници е примена со резерва во јавноста, бидејќи и пред 10 години компанијата Virgin Galactic најави, па дури и продаде 700 билети (по цена од 200-250.000 долари), но сè уште не е реализиран ниту еден лет. Последните најави се дека првиот лет ќе се случи во следните неколку месеци, а прв патник ќе биде основачот на Virgin Galactic Ричард Бренсон.
Инаку првиот вселенски турист е Денис Тито, кој во 2001 си плати седиште на еден руски некомерцијален лет.