Компанијата ОКТА и Групацијата Хеленик Петролеум продолжуваат со проекти за поддршка на образованието и развојот на младите луѓе во земјава. Во седиштето на ОКТА беа потпишани договори со двете студентки кои годинава ги добија стипендиите за постдипломски студии на Универзитетот во Пиреја, Грција. Наташа Скендерова и Василика Калајџиска ќе имаат можност да го надградат своето знаење во рамките на програмата Енергетика: стратегија, право и економија, која е прва магистерска програма од ваков тип во Југоисточна Европа.
Студентките се добитнички на целосна стипендија, која покрај платените студии од Хеленик Петролеум, опфаќа и поддршка од ОКТА за трошоци за живот во висина од 1.000 евра месечно. На конкурсот, кој беше објавен во јуни, се пријавија девет кандидати. Изборот на добитниците на стипендија го направи стручна комисија во рамките на Универзитетот во Пиреја врз основа на образовните и професионалните квалификации на кандидатите.
Втора година по ред, Хеленик Петролеум доделува вкупно 25 стипендии за постдипломски студии во Грција на студенти од земјите во кои е присутна групацијата (Грција, Кипар, Црна Гора, Србија, Македонија и Бугарија). ОКТА во текот на октомври ќе поддржи уште десет студенти од земјава со стипендии за постдипломски студии на шест факултети на Универзитетот Свети Кирил и Методиј.