Фото: Pexels
“Многу е едноставно да се биде среќен, но многу е тешко да се биде едноставен!” Рабиндранат Тагоре
Дали од оваа или од друга некоја поговорка, мисла, кажуванка, во оваа или друга форма кажано, често сме го слушнале ова како филозофија. Животот е убав, животот е лесен, животот е позитивен итн. И, сите сме свесни дека теоретски тоа е многу точно. Но, она што ни прави проблем е имплементацијата во практиката. Сето тоа си го знаеме, но не можеме лесно да го вметнеме во секојдневниот живот.
Зошто ни е тешко да живееме едноставно?!
Околината: знаете што велат за “што е темнината?”. Тоа е отсуство на светлина. Од некоја перспектива тоа е слично и со едноставноста на животот. Тој не е едноставен поради комплексноста на опкружувањето. А, дали верувате или не, околината влијае на сите нас. Сите сме робови на времето (тогаш треба да сум таму, во толку саат доаѓа тој, треба да одам за пет мин… итн.), робови на технологијата, робови на работата, робови на односите (меѓучовечки, фамилијарни, пријателски, брачни), притисок од пари, плата, сметки итн. Сето тоа го комплицира нашиот живот. Сето тоа влијае тој да не биде едноставен.
Што може да се направи: сè е до вас (нас). Универзално правило е дека никој не може да ти направи ништо, ако ти не дозволиш. Мора да имаме силен ум, емоционален систем со цел да може да се справиме со секојдневните притисоци и комплексни ситуации.
Суштината на работите: иако ситуациите изгледаат комплексно, тие во суштина се многу едноставни. Следниот пат кога ќе навлезете во некоја “жешка” расправија со некого, застанете и погледнете каде сте дошле со расправијата, а од каде почнавте. Ќе видите дека тоа за што моментално зборувате нема врска со тоа за што сте го почнале разговорот.
Што може да се направи: влегувајте повеќе во суштината на разговорите, потпрашувајте, парафразирајте, сè што е потребно само да дојдете до суштината.
Очекувањата: цело време очекуваме да ни се случи нешто големо, да ги заработиме големите пари, да оствариме некоја голема цел.
Што може да се направи: мора да се направи ревизија на нашите и очекувањата од другите. Исто така, направите баланс помеѓу можностите и очекувањата. Кога поставуваме нереални очекувања, тежината на нивното остварување ни се гледа многу комплексно.
Нашата перспектива: исто така, како голем фактор што влијае на комплексност на животот е нашата перспектива кон него. За жал, нашиот ум, поради негативните влијанија што нè опкружуваат, секогаш ќе ги размислува најнегативните аспекти на секоја ситуација. Во секој случај, перспективата е таа што нам не ни се допаѓа и затоа не сме задоволни од некоја ситуација. Исто така, проблемот е што секогаш ќе тргаме од ЈАС перспектива.
Што може да се направи: кога ќе се најдете во ситуација која не ви се допаѓа, пробајте да ги погледнете работите од друга перспектива. Променете ја точката на опсервација. Дополнително, и гледање од ТИ перспектива, може да ви го олесни животот.
Не знам како да го поедноставите животот, но ако некои паметни луѓе велат дека навистина бил едноставен, тогаш барем да не си ги комплицираме работите и секогаш да пробаме да ги поедноставиме, барем колку што можеме.