Професионалноста и корпоративната (лична) култура. Со култура е подобро!

304

 

Професионализмот којшто повеќето од компаниите го наведуваат како вредност кон која се стремат е системски пристап, а не само декларативна изјава која нема тежина. Напротив! Професионалното однесување го олеснува и подобрува ефективното комуницирање како во рамки на компанијата, така и екстерно.

Каде е поврзаноста на професионалноста и културата?

Професионалното однесување е пред сè примерно (читај: културно) и долично однесување кое е во склад со корпоративната култура. А, културата се однесува на научените обрасци на мислење, чувства и постапки на една група или заедница. Постојат неколку дефиниции за корпоративна култура. Едно гледиште (на пример, Кремер 1993) е дека културата претставува неискажан код на комуникација меѓу членовите на една организација. Поврзано е и гледиштето дека културата е “непишано правило“ кое помага во координацијата, како и на тоа на која страна од патот се движиме.

Со вработување во било која компанија ја прифаќаме нејзината корпоративна култура што понатаму може да го моделира нашиот систем на вредности.

Корпоративната култура секогаш постои, но со неа мора да се управува, не смее да се допушти таа стихиски и неконтролирано да се менува.

Како и каде да се практикува? Без разлика колку е мала или голема компанијата, односно организацијата, без разлика дали станува збор за компанија во приватниот сектор или јавна институција, следниве неколку чекори помагаат во ширење и одржување на корпоративната култура.

Дефинирајте го јасно однесувањето кое треба да произлезе од практикувањето на корпоративната култура. Тоа значи дека секоја вредност треба да има мерливо однесување со помош на кое ќе се прави идентификација дали личноста со своите постапки ја поддржува таа вредност или не.

Направете поврзување на компаниските вредности со индивидуалните вредности на вработените. Вработените ќе се заложат за примена на корпоративните вредности доколку знаат на кој начин тие се поврзани со нивните лични вредности. Затоа, во писмена форма дадете им образложение што секоја од конкретните вредности подразбира во контекст на компанијата и креирајте прирачник со сите вредности кои ја сочинуваат корпоративната култура.

Поставете ги вредностите како слогани во рамки на работните просторииНа овој начин испишаните вредности ќе имаат улога на секојдневен пасивен потсетник.

Лидерите се главни промотери на корпоративната култура. Менаџментот на компаниите и институциите со своето однесување мора да демонстрира посветеност на корпоративните вредности, затоа што тие со своето однесување го моделираат однесувањето на своите вредности. И важно е да го наградите посакуваното однесување кај вработените, кога и да забележите однесување кое ги рефлектира корпоративните вредности – пофалете го, оддадете признание. И секако, како менаџери на компанијата побарајте сугестии од вработените како компанијата може да го унапреди начинот на кој ги протежира своите вредности.

Регрутација и селекција. Земете ги предвид вредностите при регрутацијата и селекцијата на кандидатите. За поголем успех, потребно е да предвидите што поголемо поклопување на вредностите на кандидатите со компаниските.

Вклучете ги вредностите во системот на мерење на работниот учинок. Покрај тоа што го следите остварувањето на целите, обидете се да го следите и однесувањето на вработените и на тој начин да им покажете на вработените дека вредностите се важни и на нив се посветува големо внимание.

Во секоја прилика на интерни средби и состаноци разговарајте за вредностите. Искористете ја секоја прилика да ги истакнете и демонстрирате вредностите. Доволно е на состанокот едноставно да ја споменете вредноста која е во релација со темата на состанокот.

И за крај најважното, континуирано следете дали организацијата функционира во склад со своите вредности.

Каде се губи и каде затајува корпоративната култура?

Општите вредности наследени од нашите родители, на кои ги учиме и сопствените деца се да бидат воспитани, да се однесуваат културно и да бидат добар (читај: позитивен) пример за околината.

Но, морето на колеги кои функционираат поинаку од нас, т.е. во морето од луѓе во кое ние со нивото на професионалност сме скоро па сите различни, вообичаено доминира просекот, односно групата луѓе со сроден нарав, кој не секогаш е во склад со корпоративната култура и вредности.

Вистинските лидери ја практикуваат корпоративната култура во секојдневното свое однесување и постапки. Како вистински професионалци тие ја воздигнуваат поврзаноста на корпоративната култура со личната култура и систем на вредности и претставуваат пример за останатите.

Со култура е подобро! Зошто? Корпоративната култура според истражувањата е директно поврзана со перформансите на вработените. Релацијата е многу силна, но суптилна. Истражувачите наоѓаат дека позитивната култура ги подобрува перформансите, но од друга страна пак добрите перформанси сами по себе не генерираат позитивна култура.

Па драги читатели, колеги, соработници, менаџери, дали вашата компанија ги живее своите вредности?

Автор на текстот: М-р Неда Т. Аницин
Проект менаџер во Парти Сервис Лео

Фото: Pexels