Фото: ReTuna
Градот Ескилтуна во Шведска е дом на првиот трговски центар во светот каде што се нудат секаков вид на производи на старо. ReTuna е комплекс на два ката, лоциран на 70-тина километри западно од Стокхолм, пишува Huffington Post.
Во сите продавници во центарот се продаваат рециклирани, преработени или артикли на старо. Овој тренд е многу популарен во земјата, а има и многу заинтересирани коишто доаѓаат и од далеку само за да пазарат во ReTuna.
Ова е првиот трговски центар во светот чијшто фокус е “одржлив шопинг.“ Преку него компанијата сака да им олесни на купувачите под еден покрив да најдат вредни производи од “втора рака“.
Речиси секој производ е од јавни донации, што луѓето ги оставаат на определено место во трговскиот. Во него има вкупно 11 продавници, а меѓу другото се продава и стар мебел, книги и велосипеди.
Во комплексот работат повеќе од 50 луѓе, а тоа се најчесто имигранти. ReTuna, исто така, нуди и часови за возрасни за дизајнирано рециклирање.