Само 9% од вработените знаат колку заработува шефот

54

evra

Фото: Pixabay

Хрватскиот портал МојПосао спроведе анкета над околу 300 испитаници за тоа колку од нив сакаат да ја знаат висината на платата на колегите или надредените и зошто, пишува Пословни дневник.

Дури една петина од испитаниците знаат колкави се платите на сите колеги од компанијата, додека 40% знаат само за платите на колегите со кои се блиски. Исто толку испитаници, 40% наведуваат дека немаат никаква информација за платата на своите колеги. Повеќето вработени (63%) би сакале да знаат колку заработуваат колегите, а 20% се незаинтересирани за тоа.

Кога би дознале дека колегата што извршува иста работа како нив зема поголема плата, 49% од анкетираните би сакале да ја дознаат причината директно од колегата, 42% поради таа разлика би побарале покачување на платата, а 38% би му забележале на претпоставениот за нееднаквоста.

Кога се во прашање платите на претпоставените, само 9% од испитаниците наведуваат дека знаат колку заработува нивниот шеф, 42% мислат дека знаат, додека 49% немаат такви податоци. На прашањето дали би сакале да знаат колку заработува нивниот шеф, 78% одговориле потврдно. Но, да се самите испитаници директори или сопственици на компании, би биле поделени околу прашањето за откривање на платите на вработените – 50% се за транспарентност, додека 50% сметаат дека висината на платите треба да биде деловна тајна.