Кампањата Без изговори со активности во осум градови низ Македонија

34

Најновата едукативна кампања на републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) Без изговори, која посочува на најчестите изговори што учесниците во сообраќајот ги користат за да го оправдаат непочитувањето на правилата ќе биде спроведена во осум градови низ Македонија. Целта на активностите од кампањата, која првично беше претставена преку билборди поставени на фреквентни места, е да влијае врз учесниците во сообраќајот преку директна комуникација и едукација.

Во декември и јануари, РСБСП ќе спроведе активности на фреквентни места во Скопје, Охрид, Гостивар, Прилеп, Битола, Кавадарци, Штип и Гевгелија, кои ќе опфатат директна комуникација со учесниците во сообраќајот и проверка на изговорите што тие ги користат за да го оправдаат непочитувањето на правилата кога се во сообраќај. На овој начин, РСБСП сака да ја доближи кампањата директно до учесниците, за непосредно да едуцира и предупреди на опасностите.

Точните датуми и локации на кои ќе се одржат настаните во секој град ќе бидат објавени на Facebook фан страната на РСБСП.

Секој од присутните на настаните ќе има можност да се запознае со важни факти кои одат во прилог на тоа дека не треба да се бараат изговори за непочитувањето на правилата, како и кои се последиците од непочитувањето на правилата. РСБСП обезбеди и пригодни подароци за секој посетител што ќе земе учество во едукативните активности.

Целта на кампањата Без изговори е да ја подигне свесноста кај сите учесници во сообраќајот преку посочување на најбизарните изговори што ги користат за да ги оправдаат постапките, како и едукација за последиците што можат да настанат од непочитувањето. Најчесто користени изговори се зборување на мобилен телефон, брзање, возење над дозволената брзина и многу други кои можат да завршат со повреди и смрт.

Големиот број на незгоди, повредени и загинати укажуваат на тоа дека на учесниците во сообраќајот им е неопходна дополнителна едукација за опасностите во сообраќајот и неопходноста од почитување на правилата за сите. Добар показател за ефектот што го имаат континуираните заложби за подигнување на свесноста е намалувањето на сообраќајни незгоди со фатални последици за 10% споредено со минатата година.

РСБСП ве повикува да се придружите на настаните во градовите низ Македонија, за заедно да се едуцираме околу важноста од почитување на правилата. Запомнете, ниту еден изговор не е доволно добар за да се предизвика сообраќајна незгода.