Вработен ориентиран кон резултати

80

Како продолжение на претходниот совет на неделата, ако не сте просечен работник, тогаш би требало да сте човек кој е ориентиран кон резултати.

Луѓето кои ги интересираат резултати и се насочени кон нивно остварување, кога ќе станат наутро, не си мислат “кои работи треба да ги направам денес“, туку кои “резултати денес треба да ги остварам“.

Знаете, како во работата, така и во приватниот живот, резултатите се тие кои се бројат и на крај се Гледаат. Кога ќе почнете да ја гледате крајната цел, тогаш лесно ќе ви биде да планирате што треба да се случи денес за да се постигне X на планираниот датум.

Да, може лесно да се стане личност која е ориентирана на резултати, а не да се тапка во место и да се биде некоја просечна личност. Но, како?

  • Мултитаскинг – работењето на повеќе работи во еден момент само ве гуши! Не можете (освен ако навистина не сте таква личност, но до сега не сум сретнал во живо таква личност). Според некои статистики, при работењето на повеќе работи во исто време, продуктивноста се намалува за 40 %
  • Време – времето бргу лета и треба да ги уништите сите активности кои одземаат време. Еве ви неколку од нив и колку време одземаат на секој од нас (ова и теоретски, но и практично ви го тврдам):
    • Поздравување со колегите и утринско кафе – 20 минути
    • Сурфање на нет (тиме.мк, социјални медиуми итн.) – 120 минути
    • Чит-Чет муабети со колегите – 45 минути
    • Оброк – 45 минути
    • Приватни телефонски разговори – 20 минути

Ако ги соберете, ќе видите дека речиси 250 минути/4 саата од работниот ден ви оди лево/десно, значи остануваат само уште дополнителни 4 саата за работа

  • Поставете јасни цели – само со јасни цели, резултатите ќе бидат остварливи. Ако целите не се јасни од самиот почеток, тогаш е многу лесно да дојде до збрка, но и неостварливи резултати. Секој очекува нешто од некого и само со јасни цели може да се исполнат резултатите, но и да се даде повеќе од тоа.
  • Ресурси и алатки – само со соодветни ресурси и алатки кои ви се потребни за остварување на резултатите, истите може да ги исполните. Сè друго е само мачење и желба за остварување на резултатите. Доколку ги немате, побарајте ги!
  • Комуникација – добра комуникација со колегите со кои треба да се завршат работите, дава супер резултати и обратно. Не може да нема комуникација, а да има резултати… тогаш не сте ориентиран кон резултати туку кон задоволување на самите себе и остварување на своето, а не во името на тимот. Ако имате проблеми во комуникацијата, најдете начин да ја подобрите (чести средби, употреба на нови технологии и слично)
  • Детали – кога ќе добиете задача од која се очекуваат резултати, имајте што повеќе информации за неа и што е она што се бара од вас. Немојте само да климате со глава, а всушност ништо не сте разбрале. Враќањето да потпрашувате по сто пати остава лош впечаток за вас, но ако пак ги немате сите детали за она што се бара од вас, може да испорачате непотребни или погрешни резултатите и изгубено време
  • Планирање – ако се бара од вас или вие самите си поставувате некоја временска рамка, тогаш ве молам планирајте ги сите обврски и задачи што ги имате. Покрај службените, тука се и приватните обврски кои треба ги имате во предвид. Што поубаво си ја испланирате задачата, толку помалку ќе имате стрес, а и ќе имате време да ја исполните.

Ќе го завршам овој совет со извадок од едно интервју на Коста Петров во кое тој вели: “Како што одминуваат годините научив дека моја должност не е да објаснувам некому што сум, кој сум и од каде сум. Моја должност е да го давам максимумот во сѐ што правам, а резултатите секогаш говорат самите за себе.“

Со успех во промените.

Фото: Pixabay