Маркетинг и продажба

929

Овој текст морав да го напишам, бидејќи им ветив на овогодишните групи од Академијата за дигитален маркетинг на Brainster дека ќе го разработам како текст, а воедно и ќе ги поздравам сите учесници на групите 7-8-9-10.

Кога разговараме на обуките за маркетинг и продажба, нема ситуација, а да не ги прашам учесниците, што мислат, дали маркетингот и продажбата треба да се гледаат посебно или како дел од едно цело. Нормално, секогаш дискусиите се сведуваат на два заклучока. Некои го поддржуваат концептот дека тие треба да се посебно, со свои елементи, функции и цели додека, пак, една група секогаш мисли дека тие треба да се гледаат како една целина и дека не смее да ги делиме.

Во суштина, вистината е дека секогаш овие 2 области мора да се разгледуваат заеднички. Едното работи во функција на другото.

МАРКЕТИНГ И ПРОДАЖБА СЕ СИЈАМСКИ БЛИЗНАЦИ, ОДВОЕНИ НА РАЃАЊЕ

Знам дека ова го прочитав некаде многу одамна, ама не се сеќавам кој го имаше кажано, но во секој случај е најточната дефиниција што ја имам слушнато. Основата е во тоа што сите области (сектори), од работењето на една компанија, треба да се гледаат како дел од еден систем, и без чии дел не може да функционира таа целина. А, посебно маркетингот и продажбата секогаш мора да се разгледуваат поврзано. Колку ви е посилен маркетингот (од аспект на стратешко позиционирање, категоризација на производи, технологија, дистрибуција, ценовна политика итн.), толку полесно ќе му биде на продажниот тим да остварува подобри резултати. И, доколку имате силен продажен и маркетинг тим/сектор, вие сте сериозна закана за секој конкурент.

Но, овој концепт на размислување, не само што не се прифаќа и не функционира во некои компании, туку во многу случаи (повеќе кај големите системи), овие сектори се дури и скарани меѓусебно. Највеќе расправиите доаѓаат од тоа што не можат да се „договорат” кој сектор е поважен. Дали маркетингот којшто им ја олеснува работата на продажбата и им носи клиенти или, пак, продажбата што ги прави парите, и мисли дека другите не се заслужни за нивните резултати.

Во секој случај, што е потребно и како може да ги споиме овие сектори во една целина:

  1. Перцепција: Прво, најважно е да не ги делиме и секогаш да ги гледаме како една целина (сектор);
  2. Едно одговорно лице: Понекогаш ги советувам менаџерите на компаниите, доколку ги имаат развиено овие сектори како посебни единици, да не ставаат двајца менаџери, туку еден за двата сектора. На тој начин нема да се даде посебна предност на никој од нив.
  3. Тимска работа: Мешање на тимовите од двата сектора при развој на некој нов проект, идеја, концепт;
  4. Обуки/семинари: Заедничко присуство на обуки од заемен интерес;
  5. Дефинирање на цели: Сите цели (од аспект на развојот) на компанијата, да се дефинираат и да се развиваат заеднички помеѓу припадниците на двата сектора. Маркетингот секогаш треба да работи во функција на продажбата, и да развива алатки кои ќе им ја олеснат продажбата на продажниот тим.

Поврзете ги и развијте ги овие два сектора и при тоа вие нема да имате потреба да се грижите за иднината за вашиот бизнис.