Раководител v.s. Извршител

86

Фото: Pexels

Многу е интересно, кога имаме предавања за развој на менаџерските вештини и кога правиме тест за дефинирање на улогите во тимот, најголем број од менаџерите (раководители) излегува дека се “извршители” (една од улогите во тимот). Тоа, секогаш ги изненадува учесниците, бидејќи повеќето од нив мислат дека ќе бидат “координатори” (раководители). Но, во суштина тоа е многу логично.

Сите оние вработени кои биле унапредени во раководители или им била доделена менаџерска, раководна улога, сите тие сигурно дале одлични резултати, пред сè како оперативци (извршители). Затоа, компанијата ги забележала и ги унапредила. Но, тука лежи и најголемиот проблем на секоја компанија. Раководителите имаат нова титула, но тоа не значи дека тие ги поседуваат или ги имаат развиено менаџерските вештини, потребни за беспрекорно водење на таа функција. Доколку сте извонреден оперативец, не значи дека ќе бидете и извонредни менаџери (раководители).

Проблемот на “нејасна одговорност”, оди и до таа мера што некои од менаџерите (на пример, менаџерот за продажба), мислат дека тие треба да остваруваат најголеми продажби, и дури се натпреваруваат со својот тим. Тоа е многу погрешно, еден менаџер за продажба треба да има најслаби резултати во продажбата, но затоа треба да влијае, да го мотивира секој од своите членови на тимот, да го дадат најдоброто од себе и да остварат извонредни резултати.

Кога си извршител (оперативец), твоја обврска е да оствариш најдобри резултати и најефективно и ефикасно да ги извршиш зададените задачи, на индивидуално ниво. Но, ако си на раководна позиција и имаш свој тим, веќе твоите обврски и задачи се менуваат. Од индивидуално, моќта се пренесува на целиот тим (успехот на тимот). Секој менаџер ќе биде евалуиран од индивидуален аспект но, на крај неговиот резултат највеќе ќе зависи од резултатот на целиот тим. Да си раководител/менаџер значи: раководење со луѓе, познавање на луѓето, нивна мотивација, едукација, да се биде пример за другите, да се биде информатор и поддржувач, некој кој ќе им го олесни нивниот пат.

Доколку ви е дадена можност да раководите со тим, размислете дали сте “раководител” или повеќе “извршител”. Тоа ќе ви помогне да дефинирате во која насока треба да се развивате понатаму.