Ресорните министри задолжени за дигитализација од земјите од Западен Балкан денеска на Дигиталниот Самит во Белград, го потпишаа регионалниот Договор за намалување на цените во роаминг. На овој начин заклучоците од Дигиталниот самит во Скопје континуирано се реализираат, стои во соопштението.
Потписниците на Договорот се согласни дека е неопходно дополнително да се намалат цените за роаминг услугите за целосно покривање на сите крајни корисници во регионот на Западен Балкан.
Тоа значи дека максималните малопродажни надоместоци за роаминг услугите во регионот на Западен Балкан ќе бидат доведени до нивото на цени во согласност со правилото “како дома“, односно соодветно на правилата за “роаминг како дома“, кои се применуваат во Европската унија, не подоцна од први јули 2021 година. Државите се обврзаа да ги преземат сите потребни подготвителни чекори.
Со Договорот се предвидува да се воведе преоден режим за роаминг услугите почнувајќи од први јули 2019 година.