Фото: Pixabay
Во текот на првите два месеца од 2019 година се забележуваат поволни движења во домашната економија, на страната на понудата, покажуваат податоците на Народна банка (НБ).
Индустриското производство се карактеризира со засилен годишен раст, поттикнат од поволните остварувања во енергетскиот сектор и преработувачката индустрија. Притоа, носечки дејности во рамки на преработувачката индустрија се претежно оние во кои се активни странските извозни капацитети, но со поволни движења се карактеризираат и одредени традиционални дејности, како на пример, металната индустрија и производството на прехранбени производи и пијалаци.
Умерено забрзување на годишниот раст се забележува и кај прометот во вкупната трговија, како резултат на позитивните движења кај сите три видови трговија (трговија на големо, трговија на мало и трговија со моторни возила). Во јануари, се забележува висока годишна стапка на раст во градежништвото, којашто е одраз на поволните остварувања кај високоградбата и нискоградбата, но и на ниската споредбена основа. Исто така, во јануари дојде до зголемување на вкупниот промет во угостителството во однос на истиот месец од минатата година. Во согласност со позитивните остварувања во домашната економија, анкетните истражувања упатуваат на зголемување на оптимизмот кај економските субјекти.