Што е бихевиорален маркетинг?

307

Станува збор за релативно нов поим во маркетингот што во себе интегрира повеќе елементи – економија, маркетинг и психологија. Има за цел да го проучува однесувањето на потрошувачите, односно како тие донесуваат одредена одлука и како тоа влијае на нив.

Бихевиоралната наука се занимава со анализа на однесувањето на луѓето, што работат, што зборуваат, како се однесуваат и преку тоа да го разберат, објаснат, опишат и предвидат нивното однесување. Бихевиоралниот маркетинг е можеби најмладата маркетинг дисциплина, што за прв пат се појавува пред околу десетина години.

Оваа дисциплина го истражува влијанието на одредени фактори врз однесувањето и донесувањето на одлука на потрошувачите за купување на одреден производ или услуга, а што може да биде спротивно од “очекуваните одлуки“, па дури и спротивно на она што може да се нарече рационално одлучување.

Истражувањата и студиите покажуваат како на однесувањето на поединецот може да влијае однесувањето на други луѓе, навиките за кои можеби и не сме ни свесни, очекувањата, желбата за чувство на припадност, поголема информираност.

Бихевиоралниот маркетинг понекогаш дури и докажува дека некои небитни фактори имаат огромно влијание на одлуките што ги носи купувачот.

Овој вид на маркетинг им овозможува на компаниите да го следат и анализираат начинот на којшто купувачите доаѓаат до нив, зошто (не) купуваат од нивните производи и услуги и какво мислење имаат за нив.

Бихевиоралниот маркетинг може да го користат компании што вложуваат во маркетинг и продажба, долгорочно ја планираат својата продажна и маркетинг стратегија. Оваа алатка може да им биде од голема корист на компании што сакаат да создадат креативна маркетинг кампања по којашто ќе бидат препознатливи и поинакви од конкуренцијата…