Босна и Херцеговина нема да ја добие четвртата рата од кредитот според договорот за стенд-бај аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), се додека не стапи на сила законот за пензија на поранешни припадници на воени и полициски сили во Федерацијата БиХ, потврди претседателот на Советот на министри на БиХ, Вјекослав Беванда, пренесуваат медиумите.
Законот се уште не стапил на сила, ниту пак се знае кога ќе стапи затоа што не е потпишан од претседателот на ФБиХ, Живко Будимир, кој во меѓувреме е уапсен и одреден му е едномесечен притвор. Уставот на ФБиХ му дава овластување за потпишување закони само на ентитетскиот претседател и воопшто не се предвидени ситуации како оваа во која се наоѓа извршната власт.
Кредитот од ММФ и треба на БиХ да ги закрпи буџетските дупки.
Во јули 2012 година, ММФ и одобри на БиХ нов стенд-бај аранжман во траење од две години, во вкупна вредност од 405,3 милиони евра. До сега се исплатени три рати, односно нешто помалку од половина од вкупно планираниот износ на кредитот.