iFail

233

Фото: Pixabay

Минатата недела на ФБ некој имаше споделено едно „меме” со оваа интересна и многу точна порака. „Со цел да ја донесеме вистинската одлука, или помалку да грешиме, во која било сфера од нашето работење, од огромно влијание е нашето искуство“. Искуството значи донесување на успешни одлуки, но и неуспешни, а тоа значи трошење залудно време и енергија, значи „копање во празно”, значи пропаѓање на бизнисот и повторно враќање во живот, значи позитивни и негативни случувања. И, после многу пати така, ние стекнуваме поголемо искуство и правиме подобри одлуки, стануваме помудри. Но, како што ќе кажат Индијанците, „на крај станувате мудри, но тогаш сте стари”. Затоа, секогаш кажуваме за постарите дека се помудри и дека носат повеќе рационални одлуки.

За жал или за среќа, искуството е поврзано со годините и со староста. Бидејќи не може да го смениме тоа и да го забрзаме нашето искуство, она што можам да ве посоветувам во оваа ситуација, е дека треба да гледате позитивно на сите искуства што ви се случуваат во животот (работата). Нам, често пати, кога ќе ни се случат некои неубави работи или ако пропаднат проекти на работа, во тој момент мислиме дека е најлошото нешто што можело да ни се случи. Но, не разбираме дека баш поради таа работа што ни се случила, во иднина сме направиле некоја друга одлука која ни помогнала да оствариме многу поголем успех/резултат.

Ако прочитате некоја книга „како да постигнете поголем успех” или ако слушате некој мотивациски говорник, сите зборуваат за тоа како и што треба да се прави за да се биде подобар во продажба, маркетинг, претприемништво, бизнис итн., и сите ги истакнуваат позитивните искуства и навики/практики. Ретко кога некој „се фали” со своите неуспеси.

За мене беше изненадувачки и фасцинантно кога пред некоја година ме поканија, од една младинска иницијатива, да се претставам пред студентите со “iFail” концепт. Тоа значи, ме поканија да претставам некој проект што ни пропаднал во минатото и да претставам што сме научиле од тоа (клучни заклучоци). Тоа беше прекрасно искуство, и за мене и за слушателите, бидејќи неколку луѓе, од различни области, ги претставивме своите “iFail” проекти и искуствата извлечени од нив. Само за ваша информација, кога се подготвував да видам кој проект ќе го претставам пред слушателите, кога навлегов во папката (фолдер) на пропаднати проекти, имаше околу 25 сериозни проекти. Не се тоа проекти на кои сме напишале апликација, сме аплицирале, а на крај не сме го добиле проектот. Сите тие се проекти кои си имале свој почеток и крај. Од развој на идеја, до реализација до комерцијализација и на крај гаснење на проектот. Мора да напоменам дека во тие моменти за нас тоа беа катастрофални проблеми и сериозни удари за нашиот бизнис, но од оваа перспектива, сето тоа го гледаме како едно фантастично искуство што сме го добиле од тие ситуации, и кое ни помогнало да постигнеме поголеми успеси со проектите кои следеа.

Затоа, во иднина, немојте да се плашите и да се срамите од вашите неуспеси. Тие можат да ве направат само помудри, поискусни и посилни.