Интервју со претседателката на регионалниот фестивал Golden Drum, Мојца Бришчиќ.
БИ: Вие сте претседател на фестивалот Golden Drum. Колку долго сте на оваа функција и дали има подобрувања во работата и во самиот фестивал?
Ова ќе биде четврти по ред фестивал под мое раководство. За време на овие четири години фестивалот беше пласиран на WARC Creative 100 Ranking листата (од Ascential) помеѓу осумте најдобри регионални фестивали во светот. Исто така, што е многу важно, WFA (World Federation of Advertisers) годинава во Лисабон ни ја додели наградата President’s Award. Таа е признание за иницијативите коишто даваат исклучителен придонес во маркетинг индустријата.
Се доделуваат секоја година на проекти раководени од национални рекламни асоцијации коишто помагаат да се подобри агендата на маркетарите и да се направи вистинска разлика во бизнисот. Иницијативите се оценуваат според можноста убедливо да демонстрираат дека извршиле мерливо влијание во годината зад нив. Ова се само две од интернационалните признанија коишто покажуваат дека фестивалот се движи во вистинска насока.
Во последните години имаше многу промени особено во програмата за натпреварот што е суштина на фестивалот. Кога решивме да направиме смел чекор, да претставиме нов/поинаков начин на рангирање на креативната работа – фокусот беше ставен на филтерот “Зошто“ луѓето беа зачудени. Но, денес сме сигурни дека тоа беше вистинската одлука. И кога сме кај промените во натпреварот да ви ги претставам најзначајните:
Секција WHAT:
- категориите во групите Film, Print, Out of Home и Audio беа освежени и споени,
- во делот Digital & Mobile има нова категорија E-commerce и категориите Websites и Micro Sites сега се Websites, Micro Sites и Apps,
- групата Design се врати,
- групата Innovation се помести од секцијата WHY во секцијата WHAT и ќе се фокусира на тоа ШТО се истакнува најмногу во комуникацијата во одбрана форма и ШТО е додадена вредност при нејзиното извршување.
Секција WHY:
- Интегрираната група се помести од секцијата WHAT на секцијата WHY и е во потрага по брилијантен увид, релевантно значење/цел на одбраните комуникации
- Групата Content позната како Entertainment, има нова категорија, Influencers и беше додадена за воздигнување и дефинирање на растечката важност на инфлуенсерскиот маркетинг.
- поранешната група Reach беше преименувана во Engagement и поместена во секцијата WHY
- сега има само две категории во групата Social Good: Непрофитна Social Good за добротворни акции и маркетинг со непрофитна цел којшто промовира генерална свесност и поттикнува критичко размислување и вклученост, како и Profit Social Good за корпоративни социјални комуникации и кампањи што поттикнуваат одговорност.
Оваа година имаме уште една награда, The best of Genius Loci, којашто за прв пат ќе биде доделена од страна на WHY жирито на најдоброто решение со препознатлива локална карактеристика (локален дух), од групата Local Spirit / Genius Loci.
БИ: Со оглед на тоа што минатата година фестивалот славеше годишнина имавте тешка задача да бидете достојни на предизвикот и да прикажете нешто специјално. Дали мислите дека оваа година ќе биде подобра од другата во смисла на говорници, гости и секако судии?
Присутните на фестивалот ќе бидат сведоци на нов формат годинава. Локацијата останува на Словенечкиот брег, во Порторож, но ќе биде вклучен и прекрасниот град Пиран. Отворањето ќе биде во срцето на таканаречениот скапоцен камен на северниот Јадран. На иницијатива на учесниците, настанот е скратен за еден ден, така што годинава дводневната програма е преполна со настани што едвај ќе има време да се земе здив. Учество ќе земат 40 меѓународни говорници. Еден од најистакнатите ќе биде Славој Жижек, кој е еден од најпубликуваните филозофи на раниот 21 век.
Комбинирајќи ја класичната германска филозофија и Лакановата психо – анализа неговата мисла се движи од најсложените филозофски височини до радикалната критика на современиот капитализам.
Оваа година, за разлика од лани, на фестивалот ќе учествуваат два интернационално признати експерти. Првиот доаѓа од САД (Тифани Ролф, извршен потпретседател и главен креативен директор на R/GA), вториот е од Бразил (Алваро Родригез, главен извршен директор и главен креативен директор на Fullpack).
Ова ќе придонесе за уште поголем кредибилитет на натпреварот, од причина што тие не се од континентите/мрежите или агенциите што се натпреваруваат на Golden Drum и токму затоа ќе ги гледаат решенијата на непристрасен начин и многу пообјективно, што се надевам ќе има ефект и врз другите судии.
БИ: Дали програмата и натпреварувачкиот дух сè уште се на завидно ниво или стануваат подобри со текот на годините?
Натпреварувачката програма е срцето на фестивалот. Тоа е делот на којшто посветуваме најмногу време, затоа што цврсто веруваме дека без добра конкуренција нема добар креативен фестивал.
Фестивалот Golden Drum е почитуван во регионот благодарение на професионалноста, непристрасноста и достојниот натпревар.
Сите промени во натпреварувачката програма се добро осмислени и планирани, како и селекцијата на членовите од жирито. И како што напоменав, претседателите годинава ќе играат важна улога, затоа што со нивната професионалност и етичка вредност ќе ја “замолчат“ намерата за несоодветна практика што ги искушува членовите од жирито одвреме – навреме.
БИ: Golden Drum ќе ги скрши традиционалните рамки и ќе одбере пат што другите фестивали сè уште не го запознале. – Ова е ваша реченица. Дали ја постигнавте зацртаната цел?
Треба да се потенцираат неколку важни аспекти. Прво, главната нишка на овогодинешниот фестивал којашто вели дека креативноста им дава моќ на промените и нашата желба да го поттикнеме маркетингот да работи за подобро утре.
Како важен регионален фестивал, различен од светските по својата уникатност, годинава имаме нова награда наречена Genius Loci/Local Spirit. Групата Local Spirit од минатата година беше преименувана во Genius Loci/Local Spirit и се воздигна на едно повисоко ниво на ценење. Наградата ќе ги истакне и прослави различните култури.
Друг важен аспект е достапноста на фестивалот. Како што споменав, фестивалот се смени, од тридневен сега е дводневен настан, што ги намалува трошоците, коишто можат да бидат уште пониски (https://goldendrum.com/delegates/delegates-fees-payment) ако се одлучите да платите со Mastercard картичка – Golden Drum е првиот безготовински креативен фестивал во светот (на пример: Mastercard целосна регистрација, по early bird цена е 450 EUR + ДДВ).
БИ: Дополнително на ова, вие сте извршен директор на Словенечката рекламна комора. Дали оваа функција ви помага во организација на фестивалот или не се поврзани меѓусебно?
Секако дека помага. Нема јасна поделба помеѓу двете улоги. Со оглед на тоа дека комората е член на меѓународни асоцијации како WFA (World Federation of Avertisers), EACA (European Association of Communication Agencies) и EASA (European Advertising Standards Alliance), можат да дојдам до многу важни информации, особено насоки и генерални трендови во планирањето на содржината на конгресната програма.
Под раководство на комората е и Словенечкиот рекламен фестивал (националниот фестивал), којшто како и Golden Drum, отвора дискусија за моменталните професионални случувања и овозможува размена на знаење, искуство, идеи и гледишта за идниот развој на професијата. Во исто време професионалната програма и натпреварот имаат големо влијание врз развојот на словенечката рекламна професија.
БИ: По 26 години успешно постоење на фестивалот, дали мислите дека истиот е најдобар во својот ранг или постои можност за подобрување?
Развојот и промените се неопходни, но не како правило. Промените се диктирани од технолошкиот развој, што влијае и на целиот фестивал не само на натпреварот.
Секако дека сакаме повеќе ѕвезди-говорници, но не смееме да заборавиме дека тоа би не чинело премногу. Некои од нив наплаќаат по 100.000 евра и повеќе (без да го сметаме авионскиот билет и сместувањето).
БИ: Постои ли интерес од македонски рекламни компании да бидат дел од фестивалот, со оглед на тоа имаме успешни приказни каде што се освоиле и награди, агенции од типот на Saatchi & Saatchi, McCann, Publics … итн?
Освен горенаведените, Асоцијацијата за едукација, комуникација и консалтинг OXO, Glitch агенцијата од Скопје и Division, исто така ја презентираа својата работа пред меѓународното жири. Оваа година се надеваме дека бројот на учесници ќе се зголеми, како и во годините што ќе следат.
БИ: Неколку години фестивалот се одржуваше во Љубљана и потоа пак се врати во Порторож. Дали Љубљана беше лоша локација или одлуката беше чисто стратешка?
Не, Љубљана е прекрасен град што сите го сакаат. Но, некако сме навикнати да се среќаваме во октомври во Порторож и Пиран, затоа што атмосферата во овие крајбрежни градови е неверојатна. Да ве потсетам дека лани имаше 23 степени и многу од учесниците учеството на фестивалот го комбинираа со краток одмор и се капеа во морето на само 18 степени.
Фото: Facebook