Интервју со Алваро Родригез, еден од претседателите на жирито и гостин говорник на фестивалот Golden Drum. Родригез е главен извршен и креативен директор на рекламната агенција Fullpack од Бразил.
БИ: Што е најважно за една маркетинг кампања да биде успешна?
Тешко прашање, морам да размислам… Лично мислам дека кампањи што не изгледаат како класични рекламни кампањи имаат шанси да бидат поуспешни. Зошто? Клиентите веќе ги знаат триковите на рекламирањето. Кога маркетинг индустријата започна да ги гледа потрошувачите како луѓе, работите се сменија. Луѓето не сакаат да им додеваат работи (луѓе) што не им се допаѓаат. Но, сакаат/сакаме да се насмееме, да почувствуваме емоции, а тоа може да биде овозможено преку брендовите.
БИ: Имате многу искуство во полето на маркетингот. Кои се најчестите грешки што компаниите ги прават кога сакаат да започнат кампања?
Не се обидувајте да ги следите вашите конкуренти. Не ги користете истите трикови. Не го повторувајте тоа што веќе било направено. Не “возете“ по истиот пат, создадете си свој.
БИ: Како наоѓате време и енергија за да ги завршите сите обврски? Што е клучно за да се биде успешен во својата кариера, но и присутен за семејството?
Многу ги сакам и двете. Мојот живот со фамилијата, децата и пријателите и животот со рекламите. Прилично сум сигурен дека едниот му дава енергија на другиот и обратно. Порано работев 24/7. Мислам дека мојата генерација немаше друг начин за да успее, освен да се биде “гласен“. Цената што ја плативме беше превисока. Треба да ја најдеме вистината рамнотежа и да ја задржиме. За мене невозможно е да ги гледам двата живота на различен начин.
БИ: Колку е важна компонентата – социјална одговорност во рекламирањето денес? Како може рекламирањето да стимулира позитивни промени во општеството?
Премногу е важна таа компонента. Луѓето се огледуваат на брендови, поддржуваат брендови и купуваат брендови со социјален елемент. Но, тие брендови мора да се искрени кога станува збор за социјална цел. Искреност. Вистина. Она што денес го гледам во рекламирањето е “Кул е да се има социјална одговорност. Ајде да се вклучиме во тоа“. Имаме можност да го смениме однесувањето. Тоа треба да се знае.
БИ: Кој беше клучниот фактор што ве донесе во светот на маркетингот и која е вашата мисија во тој свет?
Моќта да убедите некој да направи нешто е единствена, магична. Уште како дете сакав да пишувам. На луѓето им се допаѓаше тоа што ќе го напишев. Понекогаш бараа од мене да пишувам за нив. На пример, писма до девојки. Така започнав да размислувам дека можеби имам талент. А за мисијата… навистина не знам. Ќе се обидам да бидам подобра личност, подобар маж, подобар татко, подобар лидер, едноставно подобар. Секој ден.
БИ: Што за вас значат наградите што ги добивате за сработеното?
Ја сакам поговорката “твоето его не е твој пријател“ Навистина е така. На наградите гледам како средство за да ја споредам мојата работа со тоа што се сработило во светот. Наградите се поттик за сечија кариера. Ги имаме речиси истите проблеми за решавање, па ајде да видиме кој го најде најдоброто решение. Така денес ги гледаме наградите. Сакам да ги освојувам. Но, тоа не е среќа – тоа е заслуга на напорна работа, посветеност и страст.