Како помалку да се жалиме за работата

87

Многу често се случува да се пожалиме во врска со работата. Ретко кој е задоволен со својата работна позиција, секогаш сме во потрага по нешто подобро, ни пречи нечие однесување, став мислење…

Како да ги намалиме поплаките?

Самопроверка

Проверете колку вашите дискусии се темелат на жалби во врска со некој дел од работењето. Ако тоа веќе преминува во навика, потрудете се и покрај незадоволството да понудите и некој позитивен коментар. Доволно е само едно “но“ и ваше позитивно гледиште за некоја ситуација. Не само за другите тоа ќе биде добро и за вас, односно ќе ве оттргне од негативноста.

Понуда на решенија

Нормално е да има поплаки и жалби во канцеларијата. Но, доколку следува понуда на решенија сета ситуација ќе помине побезболно. Тука треба да влезе во сила правилото “Секој што се жали мора да понуди и решение“. Така мозокот ќе биде насочен и кон нешто продуктивно, а не само кон песимистички мисли.

Момент што нетрпеливо го очекувате

Дневен ритуал што со нетрпение го очекувате може да ја намали тензијата на работа. Тоа не мора да биде ништо големо… чаша кафе, читање на интересна содржина или брза прошетка може да ви ги смири и одмори мислите.

Нов предизвик

За помалку да имате време да се жалите, превземете нов предизвик на работа. Вклучете се во некој нов проект и излезете од зоната на комфорот. Понекогаш е потребна мала промена за нештата да си дојдат на свое место.

Хоби

Се случува лошиот период да трае долго, но тоа не значи дека ќе треба да го интензивирате незадоволството. Посветете се на некое хоби, надвор од работата. На тој начин подобро ќе балансирате со добрите и лошите емоции. Пронајдете задоволство во мали нешта што ве прават среќни и заборавете барем на одредено време дека не ви се допаѓаат колегите, шефот, начинот на работа, платата…
Едноставно забавувајте се!
Фото: Pixabay