Mеѓу Македонија и Хрватска ќе се воспостави aсиметричен трговски режим откако Хрватска по 1 јули годинава и официјално ќе стане членка на Европската унија. Досегашната либерализирана размена во земјоделството и прехранбената индустрија ќе биде значително намалена.
Според Васко Ристовски од Стопанската комора, влегувањето на Хрватска во ЕУ ќе има и позитивни и негативни импликации.
“Компаниите се уште не знаат што точно ќе се случува, но желба за соработка со земјите од ЦЕФТА се уште постои”, изјави Ристовски на денешната прес-конференција.
Како што истакна, се размислува да останат правилата за тргување според ЦЕФТА-договорите барем извесен период од зачленувањето на Хрватска во ЕУ.
Тој додаде и дека Комората се уште нема информации дали се преговара и во кој дел на државно ниво.
Вкупната размена на Македонија и Хрватска минатата година беше 93 милиони евра од кои во агросекторот 41,2 милиони. Најмногу се тргува со кондиторски производи. Македонија извезува и вино, тутун, овошје, а увезува месо, млеко, нивни преработки, пченица, брашно и др.
На последниот одржан состанок земјите-членки на ЦЕФТА констатирале дека клучни проблеми во размената се уште се непризнавањето на сертификатите и нивната унифицираност, инспекциските надзори, фитосанитарната област и дополнителните давачки.
Укажано е на потребата од намалување на трговските бариери, како и од зајакнување на внатрешните контроли и комуникацијата заради спречување состојби како онаа со појавата на афлатоксин.
Размената во рамки на ЦЕФТА е намалена за само 0,7%, и лани достигнала 8,1 милијарда евра.