Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими, шефот на Делегацијата на ЕУ Аиво Орав и амбасадорите на европските земјите-членки Холандија, Обединетото Кралство, Словачката Република, Грција, Франција и Италија, денес во Штип ќе се запознаат со активностите што се дел од пилот-проектот Механичар за машина за шиење.
Овој пилот проект беше развиен во рамки на твининг проектот финансиран од ЕУ Поддршка за градење на капацитетот на Центарот за образование за возрасни и развој на образовни програми за возрасни, за описменување и завршување на основно образование на социјално исклучените лица.
Механичар за машина за шиење е еден од дванаесетте тековни пилот-програми со кои раководи Центарот за образование за возрасни во рамки на твининг проектот финансиран од ЕУ. Оваа обука е резултат на истражувањето што беше спроведено за текстилната индустрија како главна економска дејност во Штип.
Направената проценка покажа дека постои недостаток од оспособеност за одржување и поправка на големата залиха машини за шиење поради големите ограничувања што ги наметнува производството. Врз основа на тоа се изработи опис на работното место со дефинирани работни задачи и потребни знаења. Пилот-програмата беше потврдена од државна комисија која ги вклучува Агенцијата за вработување и стопанските и занаетчиските комори.
Програмата која трае 300 часа и опфаќа десет учесници, ја изработи и ја спроведува ПолиПроект Инженеринг. Дел од практичната работа се одвива во две текстилни фабрики во Штип.
Проектот се спроведува во соработка со француски експерти кои се задолжени за дизајнирање на обуката и за подучување на вклучениот персонал. Центарот за образование за возрасни е должен да го следи и да врши контрола на квалитетот на процесот, како и да ги спроведе процедурите за акредитација и за верификација на програмата.
Откако обуката ќе заврши, Центарот за образование за возрасни ќе издаде сертификат за стекнати вештини.