Во последните пет години животот на Косово е поскап за 25%, додека планираниот стопански раст за годинава од 3,8% тешко дека ќе го покрие порастот на трошоците за живот. Само во текот на септември инфлацијата на Косово била 4,1%.
Според податоците на Агенцијата за статистика на Косово, највисока инфлација во последните пет години имало 2008 година, кога трошоците растеле во просек од 9,4%.
“Во текот на септември, цените се зголемени за 4,1% во однос на истиот месец минатата година. Струјата, гасот и другите горива за греење бележат поскапување од 11,9%, месото 4%, тутунот 8,3%, весниците, книгите и канцеларискиот материјал 19,3%”, стои во извештајот на Агенцијата.
Покачени се и цените на јајцата и сирењето за 3%, облеката 2,9%, маслото за јадење 3,4%, овошјето 5,5%, средствата за лична хигиена за 3,3%, а снабдувањето со вода и останатите услуги за одржување на живеалиштата 12%.