Отворените инвестициски фондови се можеби најлесниот и најмалку стресниот начин да се инвестира на пазарот. Фондовите како концепт влечат корени уште од 19-от век, но во нивната современа форма прв пат се појавуваат во почетокот на 20-от век во САД. Долгиот период на постоење на ваквиот вид на фондови е доказ за нивната моќ и за нивната способност да го зголемуваат богатството на своите инвеститори.
Во Северна Македонија се појавуваат еден век подоцна, т.е. во почетоците на 21-от век. Овие фондови во изминатите неколку години се повеќе популарни отколку во било кое време во историјата.
Што е отворен фонд?
Едноставно кажано, отворен фонд е збир на пари обезбедени од индивидуални инвеститори, компании и други организации. Со фондот управува друштво за управување со отворени инвестициски фондови. Овие друштва се надгледувани од државното регулаторно тело, Комисија за хартии од вредност, на сличен начин на којшто Народната Банка на Република Северна Македонија ги надгледува банките во државата. Во друштвата се вработени аналитичари и овластени инвестициски советници. Секое друштво може да раководи со повеќе фондови (базени со пари). За секој од овие фондови е одговорен професионален фонд менаџер кој е ангажиран да ги инвестира парите што инвеститорите ги уплатиле во фондот. Каде ќе ги инвестира тие пари менаџерот зависи од видот на фондот.
Што е затворен инвестициски фонд?
Затворен инвестициски фонд е акционерско друштво коешто се основа за прибирање на парични средства по пат на јавна понуда на акции и вложување на тие средства при што се применува принципот на диверзификација на ризикот. Специфичноста на затворените инвестициски фондови е тоа што тие издаваат акции, а не удели како отворените инвестициски фондови и тоа на краток рок. Вложувањето во затворен инвестициски фонд е исто како купување акции од некоја компанија. Најчесто тоа се прави со јавна понуда на акции, што значи дека сите што се заинтересирани можат да инвестираат дел од своите пари во акции на овој фонд. Доколку се собере помал износ, во тој случај им се враќаат парите на инвеститорите.
Каде одат парите на инвеститорите?
Откако ќе се собере одредена сума на пари, фондовите со тие пари почнуваат да купуваат најразлични финансиски инструменти. Видот на инструментите зависи од карактеристиката и целта на фондот. На тој начин фондови кои имаат за цел брз раст, но се одликуваат со повисока нестабилност, се составени од акции од брзорастечки компании како инструмент. Такви би биле компании како Apple, Amazon, Netflix, Google, Facebook итн.
Од друга страна пак, постојат и фондови коишто обезбедуваат постабилен принос, со низок ризик и кои инвестираат во депозити на одредени банки или пак државни обврзници од различни држави.