Хрватска од ЕУ ќе добие 70 милиони евра за вработувања

27

evraПо влегувањето во Европската унија, во втората половина од годинава Хрватска ќе има на располагање околу 70 милиони евра од Европскиот социјален фонд кој е главен инструмент за спроведување на стратешката политика на ЕУ во сегментот на вработувањата. За да ги добие тие пари потребно е внимателно планирање и добро подготвена државна управа, порача заменик главниот директор на Општата управа за вработување, социјални прашања и вклучување на Европската комисија, Золтан Казатцај.

Тој назначи дека ЕК во Хрватска гледа многу простор за соработка по прашањето на решавање на проблемите на пазарот на труд, особено поради зголемувањето на невработеноста кај младите, жените и други групи, недостиг на стручно усовршување и влошена социјална ситуација, пренесуваат хрватските медиуми. Казатцај верува дека најдоцна до 19 јули со Владата ќе се склучи договор за користење на средствата од тој фонд, за што преговорите се во тек.

Казатцај нагласи дека Хрватска не смее да си допушти во вкупниот број невработени преку 50% да бидат млади, затоа што тоа е опасно за развојот на државата, па по тоа прашање Хрватска мора да ја подобри својата политика, а образовните програми да ги усогласи со побарувањата на пазарот на труд.

Од следната година, односно од буџетскиот период 2014 – 2020 година, Хрватска од Европскиот социјален фонд годишно ќе има на располагање околу 150 милиони евра.