Поимот employer branding претставува концепт што подразбира промовирање на компанијата како посакуван работодавач за одредена целна група. Целта на оваа опсежна активност е од компанијата да се развие бренд што ќе ги привлече потенцијални вработени, ќе им даде можност да работат и да ги задржат.
На овој начин, компаниите стануваат свесни за човечкиот потенцијал, за регрутирање квалитетен кадар што ќе го води бизнисот на напредно ниво.
За да може да изградите успешна стратегија со којашто ќе прераснете во компанија во која многумина би сакале да работат, треба да ги дефинирате целите. Ако во тој момент имате потреба од нови вработени, треба да изградите стратегија што ќе се базира на привлекување кадри што ви одговараат. Доколку, пак, имате чувство дека некој од вработените бара подобра прилика, треба да вложите напор да го задржите и да му покажете дека сте квалитетен работодавач за кој и понатаму ќе сака да работи.
Многу е важно да знаете каков вид на вработени сакате. Природата на секоја дејност, во голема мера, ги одредува видовите на вработени кои се најкомпатибилни со работното место. Некои позиции бараат посебни вработени, со одредено знаење, искуство и карактерни особини, па треба да им создадете соодветни услови за да ги привлечете и задржите.
За да допрете до кадарот што најмногу ви одговара, добро размислете кои канали на комуникација ќе ги користите. Ако имате потреба од млади луѓе, со факултетско образование, со познавање од ИТ секторот, фокусот нека ви бидат социјалните мрежи, интернет портали за вработување, предавања и работилници на коишто ќе може да воспоставите непосредна комуникација.
Секогаш бидете подготвени да им ги кажете условите што ќе им ги понудите, по што сте поинакви и различни од другите компании и со еден збор со што планирате да ги привлечете и задржите. На некои од вработените прв услов им е платата, други бараат сигурност, можност за напредок, потенцијал за развој на кариера…
Бидете отворени за сугестии, не бидете ригидни, туку напротив секогаш покажувајте волја за соработка, прифаќање на одредени идеи и поголема флексибилност. Така во очите на потенцијалните вработени ќе оставите впечаток дека навистина го вреднувате човечкиот потенцијал.
Фото: Pixabay