Јапонскиот технолошки гигант Sony го претстави Vision S, концепт на електричен автомобил.
Овој концепт своето деби го имаше на Меѓународниот саем за електроника (Consumer Electronic Show – CES) во Лас Вегас. Во развојот на Vision S, Sony доби поддршка од Nvidia, Continental, Bosch, ZF и Qualcomm, а механиката ја дизајнираше Nagna Steyr од Австрија, којашто во својата фабрика произведува модели на познати светски автомобилски брендови, како што се Toyota Supra, BMW Z4, Mercedes G class и други.
Во овој автомобил има современ систем за автономно возење, составен од 33 сензори за детекција на пешаци, возила и други објекти, додека кабината со голем стаклен покрив нуди комфорно возење за четири лица.
Vision S ќе има два електромотори од по 272 коњски сили и има забрзување од нула до 100 километри на час за 4,8 секунди, додека неговата максимална брзина е 240 километри на час.
Командната табла е огромен дисплеј што се протега низ целата ширина на возилото, а има и два екрана од страните што се замена за традиционалните странични ретровизори.
Она по што овој автомобил ќе биде препознатлив, а е личен печат на Sony, е звучниот систем, односно 360 Reality Audio, којшто нуди супериорно аудио уживање без оглед на позицијата во автомобилот.
Фото: Sony.net